Избрано ново раководство на Сојузот на композиторите на Македонија

На седницата на Собранието на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, одржана вчера во просториите на здружението, беше избрано новото раководство. За нов претседател на СОКОМ е избран композиторот Филип Иванов, кој доби мнозинска поддршка од членството и на таа позиција ќе ја наследи доскорешната претседателка, композиторката Валентина Велковска-Трајановска.

Покрај изборот на претседател, беа изгласани и новите членови на pретседателството на СОКОМ. Во неговиот состав и со мандат од две години влегуваат композиторите Горан Начевски, Бојана Петровиќ-Алексова и Борис Светиев, како и музиколозите Ангелина Димоска-Миташева, Мирјана Павловска-Шулајковска и Јана Коловска-Божовиќ. За претседател на pретседателството е назначен композиторот Живоин Глишиќ.

Композиторот Филип Иванов (1992) припаѓа на најмладата генерација македонски автори. По музичкото образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, студиите по композиција ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Сони Петровски.

Иванов е присутен со широк и препознатлив творечки опус на домашната сцена, но бележи и многубројни изведби во странство – во Италија, Германија, Австрија, Франција, Холандија, Шведска, Турција и во САД. Неговите дела се изведувани на фестивали, како Денови на македонската музика, Охридско лето и „Златна лира“, а особено е забележана изведбата на неговиот Виолински концерт на отворањето на 41. Денови на македонската музика (2018) со Македонската филхармонија и солистот Александар Иванов, под диригентство на маестро Борјан Цанев.

Неговото дело „Пајдушко“ за симфониски оркестар беше изведено во Хрватска и во Црна Гора, а по повод 75-годишнината на Македонската филхармонија беа изведени негови варијации на темата Happy Birthday“ Во март оваа година Македонската филхармонија премиерно ја изведе симфониската суита за деца „Итар Пејо“, која претставува прва симфониска суита од македонски автор, која обработуа лик од македонската фолклорна традиција, а е наменета за деца и млади. Делата на Иванов се дел и од репертоарите на студентски и ученички концерти, како и наградувани на конкурси на Министерството за култура, Македонската филхармонија и Агенцијата за млади и спорт.

Во своето творештво Иванов го спојува македонскиот музички фолклор со неокласичниот израз на 20 век создавајќи современа музика со силна естетска и културна втемеленост.

Филип Иванов е и селектор на годинашното издание на фестивалот Денови на македонската музика.

„Со изборот на новото раководство СОКОМ продолжува со својата мисија за унапредување и застапување на авторските права и професионалниот статус на македонските композитори и музиколози, како и со реализацијата на предвидените програми до крајот на годината. Централно место во овие активности ќе му припадне на фестивалот Денови на македонска музика, чие 48. издание ќе се одржи во октомври“, се наведува во соопштението.

INFO