Николоски за Катимерини: Заедничките проекти уште повеќе ќе нè зближат со Грција

Во интервју за грчки Катимерини, македонскиот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, ја истакнал посветеноста на земјата кон засилена регионална соработка, истакнувајќи ги проектите насочени кон диверзификација на енергетските извори и подобра инфраструктурата низ Западен Балкан.

Како што пренесува медиумот, Николоски, кој присуствувал на Форумот за поврзување на Југоисточна Европа неделава во Солун, ги потврдил плановите за развој на нов гасовод Грција-Северна Македонија, нарекувајќи го од суштинско значење за намалување на зависноста на земјата од руски гас во услови на глобална нестабилност.

„Тоа е огромен проект кој ќе значи многу за двете земји, како и за голем дел од останатите европски земји“, вели Николоски додавајќи дека тоа е важна задача за владите и на Северна Македонија и на Грција.

„Единствениот начин да се оди напред е преку создавање заеднички проекти кои ќе ги зближат двете земји уште повеќе“, го цитира „Катимерини“ Николоски.

Тој во интервјуто се заложил за подобри регионални транспортни врски за да се поттикне економската интеграција. Како врвен приоритет, министерот за транспорт јаи посочил брзата железница низ земјите од Западен Балкан, особено преку Коридорот 10, кој ја поврзува Централна Европа со Грција.

„Оваа рута ќе ја забрза трговијата од грчките пристаништа до Централна Европа, од која корист имаат земји како Австрија, Словенија, Хрватска и Србија, заедно со Грција и Северна Македонија“, се вели во текстот на „Катимерини“.

Понатаму се додава дека неодамна Северна Македонија и Бугарија со поддршка од ЕУ, се согласиле да ја забрзаат работата на Коридорот 8 зајакнувајќи ја поврзаноста исток-запад. Сепак, според Катимерини, Николоски ја повикал Бугарија да го исполни својот дел од проектот, велејќи дека за развој на инфраструктурата е потребна посветеност од двете страни.

Николоски, во интервјуто се осврнал и на аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ, истакнувајќи дека, иако неодамнешните реформи добија пофалби од лидерите на ЕУ, пречките остануваат, вклучително и ветото од Бугарија со барање за промена на уставот.

Тој ја повторил посветеноста на Скопје за усогласување со ЕУ, истакнувајќи дека патот на неговата земја е предизвик, но македонските граѓани заслужуваат европска иднина.

INFO