Изборите во Србија – лакмус за (не)постоење на „српски свет“ во Македонија

Континуираното одржување на тој наратив за токсичното влијание на концептот т.н. „српски свет“ во Македонија, најчесто се поврзува со одбивањето на актуелната влада да ги спроведе уставните измени за внесување на Бугарите како малцинство во македонскиот Устав, со што ефективно би започнале преговорите (отворање на кластерите од преговарачката рамка) за членство на земјава во ЕУ. „Легитимитет“ на таквиот, особено неоснован и нелогичен наратив, му даде извештајот од 2025 година на Европскиот парламент за Македонија, во кој беше изразена „загриженост дека проектот ‘српски свет’, заедно со влијанијата од Русија и Кина го поткопува суверинитетот на државата и на регионот“.

Парламентарните избори во Србија ќе се случат по речеси двегодишни политички тензии во оваа земја, предизвикани од трагедијата на железничката станица во Нови Сад, кога од урната натстрешница загинаа 15 луѓе. Оттогаш траат студентските протести, всушност своевиден граѓански бунт во Србија, против, како што го нарекуваат „систем изграден врз политичка неказнивост“. Накусо, тоа е причината за најавените парламентарни избори во северното соседство на Македонија, што пак ги активираше политичко-аналитичките центри во ЕУ (повеќе отколку домашните), да анализираат како изборите во Србија би се одразиле во регионот што го нарекоа Западен Балкан, но и за процесите во Унијата, пред сè во релациите со Русија.

Во позиција на најблиско соседство и блиски историско-политички контексти, можеби е логично да се анализираат и антиципираат одредени рефлексии во Македонија од изборите во Србија, но дали таквата соседска констелација остава простор за загриженост и мапирање на земјава во некаков „српски свет“?

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции во македонската влада, Ивица Боцевски, смета дека изборите во Србија нема да имаат некакво суштинско влијание во политичкиот амбиент во Македонија.

Изборите во Србија немаат никакви импликации врз политичката сцена во Македонија. Кој и да победи на тамошните избори ќе соработува со која било македонска влада. Двете земји имаат голема трговска размена и интегрирани стопанства, потпишани се безмалку сите договори за соработка во сите сфери, вклучително и спогодбите коишто се однесуваат на граѓаните и нивните потреби.

Оттука никогаш не било во националниот интерес на двете земји да влегуваат во непотребни авантури на загрозување на меѓудржавните односи или други балкански лудила. Исто така, си постои џентлменски договор да нема мешање во изборниот и општо во политичкиот процес кај соседите, па се надевам дека и тоа ќе биде и сега испочитувано, независно од европските партнерства и личните симпатии кај лидерите и партиите“, вели Ивица Боцевски.

Андреј Жерновски од СДСМ, пак смета дека изборите во Србија ќе бидат „лакмус“ дали ќе се оди на предвремени парламентарни избори во Македонија.

Резултатите од изборите во Србија ќе се очекуваат во Македонија, односно во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како сигнал дали да се распишат предвремени парламентарни избори и кај нас. Мицкоски ќе го очекува исходот на Вучиќ во Србија,  да го процени домино-ефектот во регионот и во ЕУ, за да не му се случи ризикот на Орбан во Унгарија, кој по 16 години изгуби на избори. Доколку Вучиќ успешно го мине изборите во Србија, најголема е веројатноста дека на пролет ќе имаме избори во Македонија“, проценува Жерновски, додавајќи дека во овој контекст ги остава настрана другите влијанија од моделот на владеење на Вучиќ врз актуалната македонска влада, како и обидите за економско – медиумски наплив од Србија во Македонија.

Во повеќе соопштенија на СДСМ, летово се алармира на постоење процес на продор на српски медиумски капитал во медиумскиот простор во Македонија.

Токму затоа во последните извештаи на Европската комисија постојано се посочува големото влијание на Вучиќ и СНС врз Македонија – влијанието на таканаречениот ‘српски свет’. Политички проект роден во времето на Милошевиќ, а денес продолжен преку Вучиќ. На сè ова се додава и медиумската офанзива: влез на српски медиуми од групацијата ‘Ало’ (Информер и други), Еуроњуз со лиценца на Вучиќ, кој треба да го води Ивона Талевска, додека Латас ја води целата мрежа заедно со Орбановите 40% од медиумите во Македонија. Очекуваме  ‘српскиот свет’ наскоро целосно да го заокружи медиумскиот мрак во земјава – во интерес на ВМРО-ОКГ и Мицкоски“, се вели во едно од соопштенијата на СДСМ, од пред еден месец.

Опозициската партија од албанскиот блок, ДУИ, многу почесто „препознава“ српско влијание во македонскиот политички простор и редовно го толкува како пресудно за застојот на Македонија во евроинтеграциите (иако тие актуелно се блокирани поради непринципиелниот и нереципрочен услов на Бугарија), но сега сметаат дека неодамнешната продажба на Стопанска банка-Битола на српската Алта банка е  круцијален доказ за економскиот продор на Србија во Македонија. Секако, и на засиленото влијание на ‘српскиот свет’, а Македонија се претвора во засолниште на сивата економија и црниот капитал на Србија.

Ивица Боцевски, таквите гледишта и обвинувања на опозицијата во Македонија ги оценува како „здодевен политички фолклор“.

Директното српско влијание во Македонија завршува на 6 април 1941 година. Оттогаш македонскиот и српскиот народ, односно подоцна Македонија и Србија соработуваат како два посебни народи и две посебни држави, прво во рамките на југословенската федерација, а потоа и како независни земји. Впрочем Македонија, ниту најжестоките српски националисти не ја вбројуваат во тој фамозен српски свет. Така што, обвинувањата за ‘српскиот свет’ се само дел од тукашниот здодевен политички фолклор и обид за освојување некакви политички поени во очите на некакви туѓински центри на влијание, затоа што граѓаните не гледаат никаква вредност во таквите бесплодни расправии. Исто така, и определени шовинистички структури од другите соседни земји сметаат дека самата македонска посебност и борбата за сочувување на македонскиот идентитет е знак за припадност во тој ‘српски свет’, што повторно укажува на еден срамен однос кон нас.

Во однос на ‘сивиот капитал’ сметам дека монетарните власти во Македонија се веќе вградени во поширокиот институционален склоп на Европската Унија и, воопшто, на западните интеграции, па тешко земјата да се претвори во некаква валкана пералница. Впрочем, парите секогаш оставаат траг, па дури и некој да се дрзне да влегува во злосторнички потфати, тоа брзо ќе излезе на виделина пред јавноста и пред институциите“, вели политичкиот аналитичар Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за европски прашања.

Јасминка Павловска