Одложен состанокот за решавање на кризата во Ормускиот теснец, цената на нафтата порасна на 108 долари за барел

Одложен е состанокот меѓу Иран и другите сили од Заливот за решавање на проблемот во Ормускиот залив, а нападите околу двете најважни рути за транспорт на нафта во регионот ја зголемија загриженоста за глобалното снабдување со енергија.
Цените на нафтата скокнаа за повеќе од 3% во понеделникот, откако нападите на Хутите врз најголемиот светски извозник, Саудиска Арабија, за време на викендот принудија затворање на нејзиниот клучен нафтовод во правец исток-запад, долг 1.200 километри, а иранските напади врз бродови во Заливот дополнително ја зголемија загриженоста за снабдувањето.
Надежите за дипломатски напредок во блиска иднина избледеа кога министерот за надворешни работи на Оман, Сајид Бадр Албусаиди, доцна во неделата објави дека регионалниот состанок закажан за понеделник е одложен во интерес на постигнување консензус.
Иранските претставници претходно изјавија дека ќе присуствуваат на тој собир со арапските држави од Заливот за да претстават договор со Оман за управување со поморските рути низ Ормускиот теснец, преку кој се одвиваше транспортот на околу една петтина од глобалните резерви на нафта пред војната.
Иранската новинска агенција „Фарс“ цитираше претставник на иранското Министерство за надворешни работи кој изјавил дека состанокот во Оман бил одложен на барање на некои земји од регионот, со одлука донесена заеднички од Техеран и Мускат. Претставникот наведе дека Иран ќе се координира со Оман за да се одреди соодветен датум за одржување на состанокот.
Одложувањето уследи веднаш по одлуката на Саудиска Арабија да го затвори, барем засега, својот нафтовод што служеше како главна рута за нафтата од Блискиот Исток, заобиколувајќи го Ормускиот теснец.
Во меѓувреме, теснецот продолжи да претставува ризик за транспортот на нафта, при што британската агенција за поморска безбедност UKMTO во неделата соопшти дека еден брод бил погоден од проектил додека минувал низ Ормускиот теснец, што предизвикало пожар и ја принудило екипажот да се евакуира.
Иран, од своја страна, соопшти дека едно лице загинало, а четворица членови на екипажот биле повредени на ирански трговски брод погоден во близина на неговиот брег.
Бројот на бродови што превезуваат стока и минуваат низ Ормускиот теснец падна на едноцифрена бројка дневно за време на викендот, покажаа прелиминарните податоци за следење на бродовите во понеделникот, што е значително под десетдневниот просек од 14 бродови.
Овие бројки не ги вклучуваат бродовите што можеби го преминале теснецот со исклучени транспондери на системот за автоматска идентификација (AIS) за да избегнат откривање. Минатата недела цените на нафтата првпат по јули надминаа 100 долари. Малопродажната цена на дизел-горивото во САД – прашање што е политички чувствително – во неделата достигна ново рекордно ниво, надминувајќи 6,20 долари за галон.
Трговци и купувачи на саудиска нафта во неделата изјавија за „Ројтерс“ дека Ријад располага со доволно резерви на нафта во пристаништето Јанбу на Црвеното Море за да го одржува извозот само уште пет до седум дена, доколку остане затворен нафтоводот што беше погоден во петокот.
Потоа, би можело да биде загрозено дури 4% од глобалното снабдување со нафта, покрај милионите барели дневно што веќе се изгубени поради прекинот на сообраќајот низ Ормускиот Теснец.
Саудиска Арабија не соопшти целосни детали за обемот на штетата на нафтоводот, ниту пак колку долго тој ќе биде надвор од функција. Изворите што разговараа со „Ројтерс“ дадоа спротивставени проценки за времето потребно за поправка, кои се движат од неколку дена до неколку недели. Сателитските снимки покажаа огромни столбови чад од локации долж трасата на нафтоводот.

Цените на нафтата денеска пораснаа за повеќе од 3% откако новите напади на Хутите врз Саудиска Арабија и иранските напади врз бродови во Заливот ги засилија стравувањата за снабдувањето, надоврзувајќи се на затворањето на еден клучен саудиски нафтовод.
Фјучерсите на суровата нафта од типот „Брент“ пораснаа за 3,21 долар, односно 3,1%, достигнувајќи 107,82 долари за барел. Фјучерсите на нафтата WTI забележаа раст од 3,17 долари, или 3,2%, достигнувајќи 103,22 долари за барел.
„Ова доаѓа по зачестените напади врз енергетската инфраструктура на Саудиска Арабија, вклучително и нападите врз клучниот нафтовод што се протега од исток кон запад“, изјавија стратезите за суровини на банката ING, иако напоменаа дека не е јасно колкава е евентуалната штета или колку долго нафтоводот ќе биде надвор од функција.