Во гостувањето во Дневникот на МТВ, Мицкоски рече дека во Вашингтон ќе разговара и со високи претставници на американската финансиска институција DFC. Таа веќе е присутна во земјава преку инвестицијата во проектот „Крстодол“, познат во јавноста и како „Антимон“.
„Од нивна страна има интерес и за други проекти во делот на енергетиката и напредната технологија, така што сакам подлабоко да ги понудиме нашите капацитети“, рече Мицкоски.
Дел од разговорите ќе бидат насочени и кон компании од воената индустрија што Владата сака да ги привлече да инвестираат во Македонија. Во тој контекст, Мицкоски го спомена и армискиот полигон Криволак.
„Во фаза сме на изработка на нов закон со Министерството за одбрана, да го понудиме нашиот тренинг-полигон Криволак“, рече премиерот.
Според него, привлекувањето компании од оваа индустрија и користењето на капацитетите на Криволак би можеле да придонесат за побрз и подинамичен економски раст.
Во Вашингтон се предвидени и средби со влијателни тинк-тенк организации, по што владината делегација ќе замине за Њујорк.
Таму Мицкоски ќе учествува на годинашното Генерално собрание на Обединетите нации и најави повеќе веќе потврдени средби со државници. Фокусот ќе биде и на соседството, но премиерот најави обид за билатерални разговори со земјите од Заливот.
„Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски“, рече Мицкоски.
Предвиден е и прием организиран од претседателот на САД. До овој момент, пак, не е планирана посебна средба со бугарската делегација.
Мицкоски потврди дека ќе има и состанок на лидерите од Западен Балкан што во Њујорк го организира делегацијата на Европската Унија. Дали лично ќе учествува ќе зависи од нивото на состанокот – ако е на ниво на шефови на држави и влади ќе присуствува тој, а ако е на министерско ниво, Македонија ќе ја претставува министерот за надворешни работи.
Прашан каков ќе биде македонскиот став на тие разговори во однос на бугарските услови за уставните измени и барањето гаранции, Мицкоски рече дека Владата нема да ја менува досегашната позиција.
„Ние ставовите не ги менуваме инстант или преку ноќ. Не правиме такви естрадни потези, водиме јасна политика која нуди гаранции на подолг рок“, рече Мицкоски.