Животот со родителите до почетокот на четвртата деценија останува реалност за голем дел од младите во Македонија. Најновите податоци на Евростат за 2025 година покажуваат дека младите во земјава го напуштаат родителскиот дом во просек на 30,7 години.
Тоа е за 4,4 години подоцна од просекот во Европската Унија, кој изнесува 26,3 години.
Со ваквиот резултат, Македонија се наоѓа меѓу европските земји во кои младите најдоцна започнуваат самостоен живот, покажуваат податоците од “Евростат” (https://ec.europa.eu/eurostat/databrowser/view/yth_demo_030/default/table?lang=en).
Хрватска е на врвот на листата
Најдоцна од родителскиот дом се иселуваат младите во Хрватска – во просек на 31,5 години.
Следуваат Грција и Словачка, каде што просечната возраст изнесува 30,9 години, а веднаш зад нив е Македонија со 30,7 години. Во Шпанија и Италија младите се осамостојуваат во просек на 30,2 години.
Податоците покажуваат јасна поделба меѓу јужниот и југоисточниот дел на Европа, од една страна, и северните европски земји, од друга.
Во Србија младите го напуштаат семејниот дом на просечна возраст од 30,1 година, а во Босна и Херцеговина на 29,5 години. Во Бугарија осамостојувањето се случува нешто порано – на 27,9 години.
На северот од Европа си заминуваат пред 22 години
На спротивниот крај на европската листа се нордиските и балтичките земји.
Во Финска младите го напуштаат родителскиот дом во просек на 21,4 години, а во Данска на 21,8 години. Во Естонија и Литванија просечната возраст се движи околу 22,7 години.
Разликата меѓу Хрватска и Финска изнесува повеќе од една деценија, што покажува колку економските услови, достапноста на становите и општествените навики се разликуваат низ Европа.
Работата и приходите се клучни за осамостојувањето
Финансиската сигурност останува еден од главните услови младите да можат да започнат самостоен живот.
Стапката на вработеност кај младите на возраст од 20 до 29 години во Европската Унија во 2025 година изнесувала 65,5 проценти. Во Македонија, пак, биле вработени 50,2 проценти од младите во оваа возрасна група.
Земјите со повисока вработеност на младите, како Холандија, Данска, Германија и Шведска, вообичаено бележат и пониска просечна возраст за напуштање на родителскиот дом.
Во земјите каде што младите потешко доаѓаат до стабилна работа и доволно високи приходи, осамостојувањето се одложува. Високите цени на становите, скапите кирии, несигурните работни места и ограничениот пристап до станбени кредити дополнително ја отежнуваат одлуката за иселување.
Не се само парите – влијаат и семејните навики
Економските услови не се единственото објаснување. Во земјите од јужна и југоисточна Европа традиционално постојат посилни семејни врски и поголема прифатеност младите подолго да живеат со родителите.
Сепак, разликата од 4,4 години во однос на просекот на ЕУ покажува дека за голем број млади во Македонија продолжениот живот во родителскиот дом не е само личен или културен избор, туку и последица на ограничените економски можности.
Така, 30-тата година сè почесто станува новата граница за почеток на самостоен живот – период кога младите конечно успеваат да обезбедат стабилни приходи и сопствено место за живеење.