Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема никаков проблем со предлогот од опозициската СДСМ да има ветинг за сите поранешни и сегашни функционери.
Ако сакаат нека се прошири и на семејствата и ако треба нека се воведе и полиграф, изјави вечерва Мицкоски во интервју за телевизија Алсат.
Но тоа не е битно. Прво треба да дадеме одговор на едно прашање, зошто ако веруваа во ветинг, го сменија Кривичниот законик со европско знаме и го избришаа членот 353? И конечно треба да дадете одговор како се стекнува златна виза во Дубаи и дали влијаеше позитивно или негативно Д3 витаминот на јахтата во Паљури? Немам никаков проблем, но прво да дадеме одговор, како тинејџери стануваат сопственици на трговски центрите? рече Мицкоски.
Околу можноста за предвремени избори напролет останува на ставот дека Владата е избрана со мандат за четири години, но ако побара опозицијата, подготвени се да одат на избори. Дали се можни избори, се е можно, вели Мицкоски.
Политичар без разлика дали е на власт или во опозиција секогаш треба да е подготвен за избори. Во политиката никогаш немојте да кажате никогаш но во моментов моја порака е дека работиме за мандат од четири години, вели Мицкоски.
Негира дека се сретнал со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Одамна се разминал во Парламентот кога имало сендица за пратенички прашања, но немале директна комуникација.
Ги отфрла и информациите дека Фатмир Лимани е врската за приближување со Ахмети. Вели дека Лимани е негов пријател уште пред да биде премиер.