Работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска ќе биде предмет на расправа во Собранието, каде што на дневен ред е интерпелацијата поднесена од пратениците на Левица.
Тие како причини за барањето за гласање недоверба ги наведуваат задолжувањата на државниот енергетски систем и, како што оценуваат, неисполнетите резултати во изминатиот период, особено во енергетиката, повикувајќи ги и останатите партии да ја поддржат интерпелацијата.
На дневен ред на 128. собраниска седница се и Предлогот за избор на член на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Предлог-одлуката за именување член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и Предлог-одлуката за именување член на Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
На седницата се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, во второ читање, Дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за животната средина, исто така во второ читање, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, во прво читање.
Пред пратениците ќе де најдат и Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, кој се однесува на состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2025 година, Предлог-законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во прво читање и Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија.