Жерновски: Над 50 милиони евра од Алта банка во Белград се префрлаат во Македонија, Мицкоски и Славески да одговорат

СДСМ обвини дека повеќе од 50 милиони евра се префрлаат од централата на Алта банка во Белград во Алта банка во Македонија и побара премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, да објаснат што се случува со овие трансакции и какво е потеклото на парите.

На денешната прес-конференција, секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, рече дека партијата во изминатите пет дена ги следи случувањата во соседна Србија и дека, како што оцени, премиерот упорно избегнува да одговори на прашањата поврзани со Алта банка.

„Сведочиме за громогласен молк од страна на премиерот. Сведочиме за молчење за сето она што се случува по падот на неговиот ментор Вучиќ“, изјави Жерновски.

Тој обвини дека молчат и гувернерот Славески и обвинителството, посочувајќи дека станува збор за прашање кое, според СДСМ, ги засега и институциите и финансиската безбедност на државата.

Жерновски тврдеше дека одлуката за влез на Алта банка во Македонија била донесена со знаење и одобрување на Мицкоски и Славески и побара тие да објаснат како банката добила можност да работи во земјава.

Според неговите наводи, станува збор за банка на која ѝ бил ограничен пристапот до пазарот на Европската Унија поради сомнежи поврзани со потеклото на парите, перење пари и безбедносни ризици за регионот. Овие наводи Жерновски ги посочи како причина поради која, според СДСМ, е неопходно институциите да дадат одговори.

Тој изнесе и тврдења дека партијата преку свиркачи добила информации оти, по влезот на Алта банка во Македонија, на вработени во институциите и на компании кои добиваат тендери усно им било наложувано да работат преку оваа банка.

„Ако е тоа така, а ќе се докаже дека е така, бидејќи ако не излезе Мицкоски, ќе ги добиеме тие информации, тоа значи дека Македонија е директно инволвирана во оваа криминална мрежа со криминални пари“, рече Жерновски.

Тој повтори дека, според информации од Србија со кои располага СДСМ, од Белград кон Македонија се префрлаат над 50 милиони евра, но не презентираше дополнителни документи или детали за трансакциите.

Жерновски ги поврза обвинувањата со претходните случаи за кои СДСМ барало одговори од Владата, меѓу кои и заплената на пет тони дрога и кредитот од една милијарда евра од Унгарија. Оцени дека премиерот и во тие случаи молчел и побара веднаш да излезе пред јавноста и да го објасни потеклото на парите.