Мицкоски: Ќе ја спасиме „Алта банка“

Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист дека „Алта банка“ ќе продолжи да функционира и дека нема да се реализира сценариото за нејзино заминување во стечај, кое, според него, го посакувала опозицијата. Тој истовремено се согласи Обвинителството да отвори случај и да спроведе истрага за прашањата што ги поставува СДСМ околу добивањето лиценца за работење на банката.

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на опозицијата да се испита како Дaвor Мацура добил лиценца, Мицкоски рече дека изминативе денови бил лично фокусиран на случајот и дека очекува банката да биде спасена.

„Денеска сум голем оптимист дека, за жал од опозицијата ќе бидат разочарани, бидејќи нивните црни сценарија и обиди банката да отиде во неизвесност, односно во стечај, нема да се реализираат. Односно ќе имаме финансиска институција, банка којашто ќе биде сопственик на „Алта банка“. Значи ќе ја спасиме банката“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека тоа е важно и за доверителите и за сите што имаат деловни или други односи со банката.

Во однос на барањето на СДСМ за истрага, премиерот рече дека се согласува Обвинителството да отвори предмет и да ги испита околностите.

„Апсолутно јас се согласувам да отвори Обвинителството случај, да поведе истрага и да видиме што ќе каже таа истрага“, рече Мицкоски.

Во врска со сопственикот на банката, тој посочи дека Мацура претходно добил одобрение од австрискиот регулатор за стекнување дел од акциите во „Адико банка“ и дека имал деловни односи со „Рајфајзен банка“.

Според Мицкоски, тоа покажува дека обвинувањата од опозицијата се политичка реторика, а не причина Владата да одлучува кој може да работи на македонскиот пазар.

„Ние не можеме, како Влада да бираме кој ќе работи или кој нема да работи. […] Секој оној којшто работи на една слободна, пазарна, демократска и, би рекол, трговска основа, може да работи тука“, изјави премиерот.

Тој оцени дека ограничувањето на деловното работење врз билатерална основа би можело негативно да се одрази врз економските и политичките односи, посочувајќи примери на македонски компании што работат во Србија.

„Ние имаме амбиција да ја спасиме банката и банката да продолжи да функционира и во тоа верувајте, еве на крајот од овој процес ќе видите дека ќе успееме“, порача Мицкоски.