Андоновска ги отфрли обвинувањата на ДУИ

В.д. директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, ги отфрли последните обвинувања од Демократската унија за интеграција (ДУИ), посочувајќи дека инспекциски надзор во институцијата утврдил доследно почитување на Законот за употреба на јазиците.

Како што наведува Андоновска во денешното соопштение, во изминатиот период инспектори од Инспекторатот за употреба на јазиците извршиле надзор во Институтот, при што не биле утврдени прекршувања на законските одредби.

„Како директор на Институтот за јавно здравје ги отфрлам последните обвинувања на ДУИ. Во изминатиов период во Институтот за јавно здравје имаше инспекциски надзор од страна на инспектори од Инспекторатот за употреба на јазици и беше утврдено дека доследно се почитува Законот за употреба на јазиците во институцијата“, наведува Андоновска.

Според неа, обвинувањата на ДУИ се мотивирани од други причини и не соодветствуваат со утврдената состојба во институцијата.

„Очигледно ДУИ е мотивирана од други причини за ваквите неточни обвинувања. ДУИ не може да прифати дека нема повеќе „како и до сега“, нема повеќе неодење на работа и земање плата, нема повеќе немилосрдно, расипничко трошење на буџетите без да има резултати“, наведува таа.

Андоновска нагласува дека во секоја институција, вклучително и во Институтот за јавно здравје, мора да има ред, еднаква примена на законите и одговорност.