Герапетритис до Муцунски: Честитки, драг мој Тимчо!

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, кој е домаќин на состанокот „Пријателите на Западен Балкан“ со пофални зборови за евроинтегративниот пат на Македонија.

Северна Македонија веќе постигна значителен напредок во повеќе области, особено во дигиталната трансформација, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика, како и во аспекти на реформата на јавната администрација. Честитки, драг мој Тимчо!, рече Герапетритис, осврнувајќи се на напредокот што го постигнаа земјите-кандидатки за членство во Европската Унија.

На состанокот учествуваат министрите за надворешни работи на шест земји-членки на ЕУ и шесте партнери од Западен Балкан, меѓу кои и Муцунски, како и еврокомесарката за соседство и проширување Марта Кос. Потпретседателката на Европската комисија и високата претставничка за надворешна политика и безбедност Каја Калас не присуствува поради штрајкот во воздушниот сообраќај во Белгија.

Во воведното обраќање, Герапетритис оцени дека проширувањето е важно не само за земјите-кандидатки, туку и за самата Европска Унија, бидејќи претставува инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот на европскиот континент.

– Аристотел рекол – а јас често го повторувам овој цитат, бидејќи многу ми се допаѓа – дека целината е поголема од нејзините делови. Токму така ја опишуваме важноста на проширувањето и за Европската Унија и за партнерите од Западен Балкан. Понекогаш забораваме дека проширувањето е подеднакво важно и за самата Европска Унија, бидејќи тоа ја одразува волјата на народите кои се пред портите на Унијата да станат дел од нашето европско семејство. Пристапувањето на Западен Балкан кон Европската Унија, како што сите препознаваме, претставува инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот, истакна Герапетритис.