Нацрт-законите за кривична постапка и казнено законодавство испратени на мислење во ЕК

Министерството за правда ги достави Нацрт-кривичниот законик и Нацрт-законот за кривичната постапка до Европската комисија за мислење, во рамки на процесот на реформа на казненото законодавство и усогласување со европските стандарди.

Од Министерството посочуваат дека новиот Кривичен законик се подготвува по три децении, а заедно со новиот Закон за кривичната постапка треба да овозможи поефикасна борба против криминалот и корупцијата, поправични судски постапки, подобра заштита на жртвите и поголема правна сигурност за граѓаните.

Подготовката на новиот Кривичен законик започнала во 2019 година. Работната група предводена од академик Владо Камбовски, во периодот од 2020 до 2026 година, спровела консултации со претставници на правосудството, академската заедница, надлежните институции и граѓанските организации.

Во предложениот текст се вградени 33 релевантни директиви на Европската Унија, а во текот на консултациите биле разгледани повеќе од 50 мислења и предлози.

Паралелно се подготвувал и новиот Закон за кривичната постапка. Експертската работна група, предводена од проф. д-р Гордана Лажетиќ и составена од 25 членови, го завршила текстот во октомври 2026 година. Предлогот предвидува усогласување со 25 релевантни европски директиви и стандарди.

Меѓу клучните предложени решенија се унапредување на конфискацијата и финансиските истраги, регулирање на електронските докази и посебните истражни мерки, подобра заштита на жртвите, како и можност за одржување рочишта и изведување докази на далечина.

Од Министерството за правда информираат дека значајна поддршка во подготовката на двата законски текста обезбедиле меѓународните партнери, особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Доставувањето на нацрт-законите до Европската комисија е дел од исполнувањето на обврските од Реформската агенда и усогласувањето на домашното законодавство со европското право.

„Суштината на реформата не е само во донесувањето нови закони, туку во нивната примена и резултатите што треба да ги почувствуваат граѓаните. Целта е да се создаде законска рамка што ќе овозможи ефикасни истраги, правични судски постапки, еднаква примена на законот и одговорност без исклучоци“, наведуваат од Министерството за правда.