Секое дете треба да расте во средина исполнета со љубов, сигурност, поддршка и почит, бидејќи децата имаат природно право да растат во семејна средина, а нивниот најдобар интерес треба секогаш да биде водечка основа за одлуките што се носат во однос на нивната грижа. Први јуни е Меѓународен ден на детето и на згрижувачките семејства, што сеодбележува и во земјава.
Министерството за социјална политика, демографија и млади вели дека еден од клучните приоритети во нивната работа е унапредување на системот на социјална и детска заштита, заради што континуирано инвестираат во реформата за заштита на децата, вклучително и зајакнување на системот за поддршка на децата со попреченост, зајакнување на системот на згрижување, и поддршка на семејствата во ризик. Според последните податоци, во државава има 380 згрижувачки семејства и 627 згрижени корисници.
„Семејната грижа е најдобрата алтернатива за децата без родители или без родителска грижа. Таа не се однесува само на обезбедување на покрив над главата на детето, туку на пружање на топлина, љубов и емоционална поддршка кои само семејството може да ги обезбеди. Горди сме дека во нашата земја, изминатите пет години ниту едно дете без родителска грижа под 18 години не е сместено во резиденцијална институција. Над 80 проценти од овие деца се во згрижувачки семејства, а останатите во мали групни домови“, информираат од Министерството.