Сиљановска-Давкова од Париз: Европа не може да биде целосна без стабилен и демократски Западен Балкан

Европската Унија треба да ја забрза интеграцијата на земјите од Западен Балкан и да придонесе за зајакнување на нивната отпорност на современите безбедносни и хибридни закани, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Парискиот мировен форум.

На панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“, таа оцени дека светот минува низ период на длабока трансформација, во кој старите модели на меѓународно функционирање се исцрпуваат, а новите сè уште не се целосно оформени.

Осврнувајќи се на концептот „interregnum“ на италијанскиот филозоф и политички теоретичар Антонио Грамши, Сиљановска-Давкова предупреди дека ваквите периоди на премин создаваат политички вакуум и отвораат простор за геополитички ризици, соопштија од нејзиниот Кабинет.

„Политичкиот вакуум никогаш не трае долго“, истакнала претседателката, нагласувајќи дека ова особено се однесува на Балканот, регион кој историски бил изложен на различни влијанија и геополитички пресметки.

Говорејќи за европската перспектива, таа порачала дека земјите од Западен Балкан не треба да се третираат како периферија на Европа, туку како нејзин природен географски, историски и културен дел.

Сиљановска-Давкова потсетила дека земјата веќе 21 година има кандидатски статус за членство во Европската Унија и зад себе има 17 позитивни извештаи, но и покрај тоа сè уште не го започнала преговарачкиот процес.

Во контекст на европската интеграција, таа ја отворила и темата за уставните измени, посочувајќи дека прашањето за суверенитетот и демократскиот легитимитет мора да се разгледува низ призмата на волјата на граѓаните.

Притоа, потсетила дека Уставот не е само највисок правен акт, туку и општествен договор врз кој се темели функционирањето на државата.

„Мојот суверенитет извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. И мојот легитимитет исто така“, порача Сиљановска-Давкова.

Таа повикала на доследно почитување на владеењето на правото, човековите права и слободи, нагласувајќи дека демократската отпорност не може да се гради без силни и функционални институции и доверба на граѓаните.

Според претседателката, од Европската Унија не треба да се очекува само да бара од земјите од Западен Балкан да бидат поотпорни на надворешните влијанија и хибридните закани, туку и активно да придонесе за нивната отпорност преку забрзување на процесот на европска интеграција.

Таа предупредила дека современите предизвици, меѓу кои вештачката интелигенција, дигитализацијата и новите форми на хибридно дејствување, бараат поширок пристап кон безбедноста.

Отпорноста, како што посочила, не треба да се сфаќа само како способност за справување со надворешни закани, туку и како внатрешна демократска и институционална цврстина.

На панел-дискусијата било отворено и прашањето за протестите во повеќе европски земји, во кои значајно учество имаат младите генерации.

Одговарајќи на ова прашање, Сиљановска-Давкова нагласила дека младите не треба да се третираат само како иднина на општеството, туку како рамноправни учесници во сегашноста и во процесите на донесување одлуки.

Според неа, односот кон младите треба да се заснова на почитување, еднаквост и охрабрување, со создавање услови тие активно да учествуваат во креирањето на политиките и одлуките што го засегаат нивниот живот.

Таа оценила дека дијалогот меѓу генерациите е неопходен предуслов за опстанок и напредок во свет во кој изолираноста повеќе не може да биде основа за градење стабилни општества.

На крајот, претседателката ја повторила пораката дека европската безбедност е неразделно поврзана со безбедноста на Западен Балкан.

„Европа не може да биде целосна без стабилен и демократски Западен Балкан“, порача Сиљановска-Давкова.

На панел-дискусијата учествувале и претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, и премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан.