Измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки денеска повторно пред пратениците во рамки на продолжениет на 129. заседание. Станува збор за законски измени со кои, меѓу другото, се укинува критериумот „најниска цена“ при изборот на најповолната понуда, а за нивното усвојување во собраниска процедура се поднесени вкупно 2.158 амандмани, од кои најголемиот дел се од опозициската СДСМ.
На седницата одржана на 10 ноември, Собранието го усвои амандманот за бришење на членот 13 од Предлог-законот, поднесен од пратениците Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Бране Петрушевски. Со ова се прифаќаат укажувањата на претседателката, која претходно одлучи да не го потпише указот за прогласување на законските измени и со тоа законот се разгледува во трето читање.
Образложувајќи го амандманот, Стојаноски рече дека со бришењето на спорниот член се отстрануваат забелешките на претседателката и се создаваат услови законот да биде усвоен.
„Со бришењето на овој член комплетно ги прифаќаме указите од претседателката и сметаме дека овој закон може непречено да биде усвоен, да го олесниме системот и да го направиме попрактичен, позаконски, потранспарентен и поцелисходен за целата државна управа“, изјави Стојаноски.
На неговото излагање реагираше пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој посочи дека опозицијата уште на комисиската расправа предложила исто решение, односно бришење на членот 13, како и други амандмани.
Битиќи оцени дека ова е можеби првпат Законот за јавните набавки да се носи во собраниска процедура без јавна расправа. Според него, наместо да се интервенира со дополнителни измени во постојната постапка, подостоинствено решение било повлекување на законот и поднесување нов предлог, по претходно организирана јавна расправа.
„Ова е можеби прв пат Законот за јавни набавки да се носи во собраниска процедура без јавна расправа. Подостоинствено ќе беше да го повлечете законот, да поднесете нови измени и да има јавна расправа, наместо да велите дека еве, сте ја послушале претседателката зашто таа кажала дека ова е противуставно“, изјави Битиќи.
Ветото на претседателката Сиљановска-Давкова, пак, не се однесуваше на суштинските измени во начинот на избор на најповолните понуди, туку на одредбата за мандатот на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Со амандманското бришење на членот 13 се отстранува токму оваа забелешка, по што законските измени повторно се разгледуваат во третото читање.
Предложените измени претходно предизвикаа реакции и кај граѓанските организации. Центарот за граѓански комуникации побара од Собранието да ја одложи расправата додека не се спроведат јавни консултации, а побара и Државната комисија за спречување на корупцијата да ги провери предложените решенија.
Според пресметките на Центарот за граѓански комуникации, со зголемувањето на годишниот лимит од 12.000 на 25.000 евра по институција, вкупниот износ што институциите би можеле да го потрошат за набавки под законските прагови би се зголемил од 18 на 37,5 милиони евра годишно.