Во Македонија се подготвува воведување електронски алки за следење на лица поврзани со семејно насилство, како дел од новото законско решение кое веќе е доставено до Собранието. Со предложените измени се предвидуваат поголеми овластувања за полицијата и поефикасни механизми за заштита на жртвите.
Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за телевизија Сител, нагласувајќи дека институциите мора да обезбедат услови во кои секоја жена ќе може да се чувствува безбедно во сопствениот дом.
Според министерот, новото законско решение е резултат на повеќемесечна работа на надлежните институции, во соработка со експерти, судии, обвинители и претставници на граѓанските организации.
Електронски алки за следење на насилниците
Една од најзначајните новини предвидени со предложениот закон е можноста за електронско следење на осомничени лица и лица за кои судот ќе донесе соодветна одлука.
Примената на електронските алки треба да овозможи дополнителна контрола врз движењето на лицата за кои постои ризик од повторување на семејно насилство.
Истовремено, законските измени предвидуваат полицијата да добие овластувања за побрза интервенција и поефикасно постапување во ситуации кога постои опасност за жртвата.