Премиерот Христијан Мицкоски преку видеообраќање од Брисел остро го осуди нападот и претепувањето на младата девојка во Охрид, изразувајќи поддршка до нејзиното семејство и ветувајќи дека институциите ќе направат сè сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.
Мицкоски во обраќањето рече дека првично планирал да зборува за состаноците и разговорите што ги имал во Белгија, посветени на интересите на Македонија, но дека ужасната вест за нападот ја променила темата на неговото обраќање.
„За жал, до мене стигна ужасната вест која ги потресе Охриѓани, но и генерално граѓаните на Македонија, за инцидентот и претепувањето на младата девојка. Ја користам оваа прилика да изразам жалење и жестоко да го осудам дивјаштвото кое се случува“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека како човек, родител, татко, брат и сопруг сака да изрази поддршка до семејството на нападнатата девојка.
„Сакам да ветам дека сè ќе сториме како институција и јас како претседател на Владата лицето кое го сторило овој ужасен напад да биде изведено пред лицето на правдата“, порача премиерот.