Утре протест во Охрид за поддршка на Сара

Протест поради насилството врз младата Сара и барање за одговорност од институциите најави Форумот на жени на СДСМ. Собирот ќе се одржи утре, 17 ноември, со почеток во 18 часот, пред зградата на СВР Охрид.

Од Форумот ги повикуваат граѓаните на Охрид да им се приклучат на протестот, кој, како што наведуваат, е организиран во знак на поддршка на девојката и нејзините блиски, но и на сите жени жртви на насилство.

Во повикот се упатуваат критики кон институциите, кои организаторите ги обвинуваат за нефункционалност и заштита на насилниците.

„Ги повикуваме и граѓаните на Охрид да се приклучат на протестот и заеднички да испратиме јасна и гласна порака дека насилството, прикривањето и заштитата на насилниците мора да престанат и да следува одговорност!“, се наведува во повикот.

Од Форумот порачуваат дека Сара заслужува правда, сигурност и заштита, како и секоја жена, и бараат да нема заташкување на случајот.

„Не смее да има заташкување на насилството, одговорност мора да има без разлика на партиски, семејни и политички врски. Доста е молк! Доста е неказнивост! Доста е заштита на насилниците! За Сара. За сите жени. За правда и одговорност!“, порачуваат организаторите.

Тие повикуваат на заедничко и истрајно дејствување, со порака дека Охрид треба да покаже дека насилството врз жените нема да помине без одговорност.