„Драги пријатели, кога станува збор за енергетиката сакам денес оттука од Куманово да соопштам една добра вест за целата држава. Вчера на седница на Влада се официјализираше меморандум за соработка со компанијата ‘Казанџи груп’ којашто е светски гигант во енергетиката и е заинтересирана за инвестиции од една милијарда. На ова му претходеа бројни средби со ‘Казанчи Холдинг’, која со своите енергетски компании што работат под брендот АКСА“, рече Мицкоски.
Зборувајќи за компанијата, тој посочи дека е водечка турска компанија со над 25 години искуство, работи со инсталиран капацитет од над 3.500 MW во осум земји и оти работат во 22 земји на четири континенти.
„Со нив имаме план за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Сето ова е зафат димензиониран на инвестиција од над една милијарда евра. Градењето на когенеративни гасни централи, се единственото трајно решение за загадениот воздух. Сè друго би значело ставање на проблемот под тепих. Со ова покажуваме дека мислиме и работиме за иднината на нашата држава“, рече Мицкоски.
Пред кумановци кажа дека е донесена инвестицијата за ветерниот парк од 450 милиони евра што ќе се гради во Карбинци, Штип и Радовиш, без како што нагласи специјални закони, загарантиран откупи, туку инвеститор кој ќе инвестира 450 милиони евра, а државата ќе добие за 100 милиони евра поголем приход во БДП што треба да донесе 20 отсто од вкупното производство на струја што ќе ја направи енергетски балансирана земјава.
Во изминатата година се донесе нов Закон за енергетика, посочи претседателот на Владата кое стави ред во ископот на минерални суровини, за 100 проценти ги зголеми таксите. Меѓу другото, посочи дека е усвоена програма за заштита на ранливи потрошувачи за 2025 година, со финансиска поддршка за потрошена електрична енергија.
„Владата успеа да вгради два свои гасни проекти со соседна Грција и Србија кои беа поддржани од страна на Европската Комисија. Токму денеска почна градбата на гасниот интерконектор со Грција во вредност од 60 милиони евра“, кажа претседателот на Владата.
На трибината додаде дека е пуштен е во работа новиот 400/110 kv трансформатор во ТС Битола 2, нагласувајќи дека ќе се зајакне сигурноста на снабдувањето во градовите Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп, обезбедувајќи стабилна електрична енергија во зима и зимските месеци и ќе се обезбеди непречено производство на електрична енергија во РЕК Битола. Премиерот очекува инвестици со која државата ќе стане енергетски независна.
Зборувајќи пред кумановци кажа дека изминатава година не била лесна, почетокот бил тежок, наследени се рушевини, но и се поставени темели. Тој рече дека седум години немало правда, развој, државата одела кон бездна. Сега, нагласи дојдено е времена праведност, враќање на достоинството на граѓаните и време „Македонија да биде повторно твоја“. Пред кумановци Мицкоски кажа дека Македонија ќе се движи напред по години разочарување, секој град ќе биде исполнет со можности, младите луѓе со надеж.
„Ние не ветуваме утопија. Ние ветуваме труд, работа и чесност“, рече Мицкоски додавајќи дека повторно се градат институциите, законот важи за сите, почнати се реформи, намалена е инфлација, се преземаат мерки и проекти за врраќање на доверба во системот, се инвестира во инфраструктура, здравство, образование.