Четвртото издание на фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ ќе се одржи од 7-12 август во Дојран.
-По втор пат ова година ќе ја доделиме наградата „Мето Јовановски“ за високо актерско достигнување во уметноста на филмот, на актер од Балканот и Медитеранот. Лауреат на фестивалот ќе биде големиот балкански, српски и македонски актер Лазар Ристовски. Човек кој во својата речиси петдецениска кариера беше и сеуште е дел од најважните филмски случувања на Балканот и Медитеранот. Лазар Ристовски играше и во два македонски филма, едниот е „Јазол“ а другиот е „Збогум на дваесетиот век“, но игра и една од позначајните рољи во култниот филм „Буре барут“ на македонскиот сценарист Дејан Дуковски. Лазар Ристовски е добник на бројни награди и признанија на речиси најголемите филмски фестивали во светот, на Балканот, Медитеранот и во Србија, а добитник е и на најголемите национални признанија за неговата општествена и политичка ангажираност во неговата земја. Тој е основач и директор на филмскиот фестивал „Дуго село“ кој се одржува во Војводина во Србија, рече денска на прес-конференцијата, директорот на фестивалот, Јани Бојаџи.
Во чест на лауреатот, на првиот ден од фестивалот во Амфитеатарот во Дојран ќе биде претставен големиот актер, ќе биде прикажан негов одбран филм и потоа ќе следува разговор со Лазар Ристовски во кој ќе може да се вклучи и публиката која ќе биде присутна во прекрасното опкружување на магичната филмска сцена покрај брегот на езерото во Дојран.
-Избрана селекција од најголемите остварувања на Лазар Ристовски како негово претставување ќе имаме во Гевгелија, каде во 3 вечери ќе покажеме три избрани филмови на Лазар Ристовски, заедно со селекцијата на кусометражната селекција, информираше Бојаџи.
Фестивалот и годинава во текот на 5 фестивалски денови ќе го промовира македонскиот филм, македонските автори, кинематографијата и култура со моќта на уметноста на раскажување приказни од нас, со нас и за нас. Но, исто така го промовира туризмот, историјата и духовните вредности. Оваа година програмата на фестивалот ќе се дисперзира и во Струмица и Гевгелија.
-Минатото издание на „Преку езерото“, програмата беше составена од три селекции: филмови за деца и млади, краткометражни играни и документарни филмови и официјалната селекција на долгометражни играни филмови која беше најдоброто од Медитеранот и Балканот за таа година од фестивалите во Македонија и регионот, рече Бојаџи.
Освен филмската програма, „Преку езерото“ во 2024 година реализираше и работилница за развој на сценарија и продукција за дипломски студентски играни кусометражни филмови, каде што многу успешно се претставија 4 студенти од Универзитетите за филм и телевизија во Македонија.
-Беа доделени 4 гранта во износ од по 1 милион денари за снимање и постродукција на филмовите. Во овој момент два од грантираните филмови се целосно снимени и се во фаза на пост продуцкија. Другите два се продуцкиски подготвени и наскоро ќе влезат во производство со што на Преку езерото 2025 година ќе имаме 4 светски премиери на кусометражни македонски дипломски филмови. Дополнително беше организирана и еднодневна работилница за деца и млади од Гевгелија кои работат на проект за снимање на кусометражни филмови со социјална и еколошка тематика. Ова година, нивните работи ќе бидат премиерно прикажани на фестивалот како дел од програмата за деца и млади, подвлече Бојаџи.