Трамп за Би-Би-Си: Разочаран сум од Путин но не се откажувам

Доналд Трамп изјави дека е разочаран, но не завршил со Владимир Путин, во интервју со Би-би-си само неколку часа откако тој објави планови за испраќање оружје во Украина и предупреди на строги царини кон Русија ако не се постигне договор за прекин на огнот во рок од 50 дена.

„Разочаран сум од него, но не сум завршил со него. Но сум разочаран од него,“ изјави Трамп на прашање за Путин.

Трамо вели дека работат на тоа да се запре крвопролевањето, и дека сметал оти договор за крај на војната во Украина бил на дофат со Русија четири различни пати.

„Ќе имаме одличен разговор. Ќе речам: ‘Тоа е добро, мислам дека сме блиску до договор,’ и потоа тој ќе урне зграда во Киев,“ кажа американскиот претседател.

Русија ги интензивираше нападите со дронови и ракети врз украински градови во последниве недели, предизвикувајќи рекорден број цивилни жртви.

Разговорот премина на НАТО, организација што Трамп претходно ја критикуваше како „застарена“.

Запрашан дали сè уште така мисли, рече: „Не. Мислам дека НАТО сега станува спротивно од тоа“ затоа што алијансата „си ги плаќа своите сметки“.

Трамп рече дека лидерите на земји вклучувајќи ги Германија, Франција и Шпанија, почнале да го почитуваат него и неговото одлучување, делумно затоа што светските лидери веруваат дека е потребен „многу талент“ да се биде избран за претседател двапати.

Кога беше прашан дали светските лидери понекогаш се „очигледни во нивната ласкавост“, Трамп одговори дека чувствува оти „само се обидуваат да бидат љубезни“.

Претседателот Трамп исто така беше запрашан за иднината на Обединетото Кралство во светот и рече дека мисли оти тоа е „одлично место“.

Тој го пофали трговскиот договор меѓу САД и Велика Британија. Рече дека има „специјална врска“ со Обединетото Кралство и дека токму затоа направил договор со земјата.

Кажа и дека се радува на втора државна посета на Велика Британија во септември годинава.

На прашањето што сака да постигне за време на посетата, Трамп рече дека сака да се забавува и да го испочитува кралот Чарлс, затоа што тој е одличен џентлмен.

Рече дека не би сакал британскиот парламент, кој не заседава во септември, да биде повикан назад само за тој да одржи говор таму, туку дека пратениците треба да си го искористат времето за одмор.

„Нека се забавуваат,“ изјави Трамп.

Запрашан што мисли дека ќе го дефинира неговото претседателство, тој рече: „Спасување на Америка. Мислам дека Америка сега е одлична земја, а пред една година беше мртва земја.“

INFO