Муцунски од денеска во тридневна работна посета на Велика Британија

Во рамки на посетата, покрај средбата со својот домаќин, секретарот Лами, предвидено е министерот Муцунски да се сретне и со парламентарниот државен потсекретар и министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија, Гарет Томас. Исто така, на бизнис-форум организиран од Амбасадата на Македонија во Лондон, министерот ќе ги презентира економските потенцијали и можностите за инвестирање во земјата пред повеќе британски компании.

Во британскиот Парламент, министерот Муцунски ќе оствари средба со членовите на Парламентарната група за соработка со Македонија, а во реномираниот тинк-тенк „British Foreign Policy Group“ ќе има обраќање и дискусија на тема улогата на Македонија во евро-атлантската безбедност и регионалната стабилност.

Во рамки на престојот во Обединетото Кралство, министерот Муцунски ќе оствари средби и со наши иселеници во градот Литлхамптон, каде ќе ја посети црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“, како и македонска фолклорна група и дечињата од македонската заедница кои посетуваат настава по македонски јазик.

Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, особено по потпишувањето на договорот за инвестициско партнерство. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, интеграцијата на Македонија во ЕУ, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања, соопшти МНР.

INFO