Извонредните полски уметници Длугош и Јунгиевич ја воодушевија публиката на Охридско лето

Најнаградуваниот флејтист во полската музичка историја, Лукаш Длугош и извонредниот пијанист Анжеј Јунгиевич вчеравечер ѝ овозможија на публиката на „Охридско лето“ прекрасен концерт што долго ќе се памети.

Полските уметници настапија во црквата „Света Софија“ со внимателно одбран репертоар кој започна со композиција на Моцарт, а продолжи со дела од Шуман, Шаминад и Пуланк. Вториот дел од концертот беше резервиран за композиции од Шимановски, Падеревски, Менделсон, Горецки, Лутославски и Шелиговски.

-Многу сме изненадени од ова прекрасно место.Акустиката е фантастична, оригиналните фрески ни даваат поттик да го претставиме репертоарот онака како што го замисливме и подготвивме, рече флејтистот Длугош.

Досега повеќе од 300 композиции се напишани специјално за него и за неговата сопруга, исто така, флејтистка, Агата Кјелар-Длугош.

-Ова е важен дел за нас музичарите. Многу сакаме да соработуваме со композитори бидејќи тие се посебени уметници и ни го прикажуваат најлесниот начин на интерпретација , формата и како да се свири добра музика во добра атмосфера. Сме соработувале со над стотина композитори. Сме снимиле повеќе од 80 компакт-дискови и за нас е огромна можност да прикажеме каков репертоар се свири на флејта во 21 век, додаде Длугош.

Длугош студирал соло флејта на Високата школа за музика и театар во Минхен, а магистерските студии ги завршил на Конзерваториумот во Париз, како и на Универзитетот „Јеил“ во САД.

Победник е на повеќе меѓународни натпревари за флејта, а како солист и камерен музичар настапува во Полска и на интернационалната музичка сцена. Настапувал во Карнеги Хол, во Златната сала на Музикферајн, во Концертхаус во Берлин, во салата „Карл Орф“ и „Херкулес“ во Минхен, во театрите во Пекинг, Гуангжу, Шангај, во операта во Катар, во салата „Шин Кобе“ во Кобе, како и во салата „П. И. Чајковски“ во Москва.

INFO