Александар Стојкоски во предизборната програма вети дека ќе изгради нови спортско-рекреативни содржини во основното училиште „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ во населбата Хром. Досега се изградени нови спортски терени и сосема нова спортска сала во рамки на училиштето, а претстои уште уредување на дворот, објавува „Вистиномер“
Во продолжение ви го пренесуваме текстот во целост:
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски во својата предизборна програма „Гарантираме – Создади нова иднина“ на минатите локалните избори во 2021 година, меѓу другите ветувања од програмската платформа, во поглавјето „Спорт и Култура“, вети дека Општината ќе изгради нови спортски содржини, реквизити и опрема во дворот на подрачното основното училиште „Димитар Поп-Георгиев Беровски“:
Ветување: ПРОЕКТ – НОВИ СПОРТСКИ СОДРЖИНИ, РЕКВИЗИТИ И ОПРЕМА ВО ДВОРОТ НА ООУ „ДИМИТАР ПОП ГЕОРГИЕВ-БЕРОВСКИ“
Проектот предвидува изградба на повеќе спортски содржини, осветлување, уредување со нови зелени површини, пешачки патеки и поставување на детски реквизити и урбана опрема во дворот на ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“.
[Извор: Програма на Александар Стојкоски: „За Ѓорче Петров гарантираме – Создади нова иднина“ (стр.50); Датум: октомври 2021]
Образложение:
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски вети нови спортски содржини, реквизити и урбана опрема во дворот на ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ и го исполни ветеното.
Иако во даденото ветување не е прецизно кажано за какви „спортски содржини“ станува збор, сепак на терен може да се забележи дека таму се изградени две спортски игралишта и спортска сала.
Фото: Вистиномер
Од она што може да се види на лице место и на официјалната Фејсбук страница на Стојкоски, во училишниот двор е направен нов спортски терен.
Стартот на изградбата на ново фудбалско игралиште со вештачка трева Стојковски го најави уште минатиот април, коешто лани во ноември беше пуштено во употреба. Заедно со него во функција е ставено и старото, но реновирано фудбалско игралиште кое доби нова тартан подлога.
Дополнително, во рамки на ООУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“, Стојкоски во февруари минатата година, најави и изградба на сосема нова спортска сала.
Фото: Официјална Фејсбук страница на Александар Стојкоски
Според јавно достапните информации, во изминатиот период се одвивала изградбата на спортската сала што можеше да се потврди и при нашата теренска посета на училиштето. Имено, може да се види дека објектот на спортска сала е изграден и дека таму се во тек активности за комплетирање на салата. Според најавите од Општината, салата ќе биде целосно завршена до стартот на новата учебна година.
Од Општината за весникот Вечер, изјавиле дека:
Се очекува од септември учениците да имаат нов, модерен простор, по сите стандарди за физичко образование и спортски активности – нешто што го немале никогаш досега.
Салата е целосно опремена со шкафови, санитарии и со потребната инфраструктура.
При нашата посета на терен очигледно беше дека таму се одвивале разни градежни активности и претстои хортикултурно обновуавање на дворот. Со оглед на тоа што досега е реализиран најголемиот дел од ветувањето на Стојкоски – пуштени се во употреба двата нови спортско-рекреативни терена и е изградена спортската сала во училиштето ООУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“, остануваат уште некои финални дотерувања во салата, како и да се уреди дворот на училиштето, ова негово изборно ветување го оценуваме како исполнето.
Извори:
- Изборна програма на Александар Стојкоски „За Ѓорче Петров гарантираме. Создади иднина!“ – [проверено на 01.08.2025]
- (17.10.2024) Официјален Фејсбук профил на Aлександар Стојкоски – [проверено на 01.08.2025]
- (21.07.2025) Вечер: „Од септември нов спортски храм за жителите на Хром“ – [проверено на 01.08.2025]
Оцени: Матеј Тројачанец