Претседателот Доналд Трамп го повика шефот на американскиот производител на чипови Интел да поднесе оставка, обвинувајќи го дека има проблематични врски со Кина.
Во објава на социјалните мрежи, тој рече дека извршниот директор Лип-Бу Тан е во конфликтна ситуација, мислејќи на наводните инвестиции на Тан во компании за кои САД велат дека се поврзани со кинеската војска. Иако Трамп е познат по тоа што ги таргетира бизнис лидерите со јавни критики до степен што е несвојствен кај други претседатели, сепак, невообичаено е претседател да бара оставка од извршен директор на корпорација.
Во своето соопштение вчера Интел информира дека прави значајни инвестиции во САД во согласност со агендата на Трамп „Америка на прво место“.
„Интел, Одборот на директори и Лип-Бу Тан се длабоко посветени на унапредување на националните и економските безбедносни интереси на САД“, се вели во соопштението, додавајќи дека се радуваат на кнтинуиран ангажман со администрацијата.
Тан е натурализиран американски државјанин роден во Малезија и израснат во Сингапур, кој е добро познат по својата експертиза во индустријата на полупроводници.
Во неодамнешното известување до инвеститорите, тој рече дека фирмата ќе ги намали своите инвестиции во производството, вклучително и во САД, за да одговори на побарувачката од клиентите. Интел веќе намали илјадници работни места оваа година како дел од напорите за соодветна големина на фирмата.
Акциите на Интел паднаа за повеќе од три отсто истиот ден по изјавата на Трамп.
„Извршниот директор на Интел е во конфликтна состојба и мора веднаш да поднесе оставка. Нема друго решение за овој проблем“, напиша Трамп.
Иако не е нелегално Американците да инвестираат во кинески фирми, Вашингтон ги засили ограничувањата од првиот мандат на Трамп, бидејќи се залага за прекин на деловните врски меѓу САД и Кина кога станува збор за напредна технологија, бидејќи се грижат за националната безбедност.
Тан беше долгогодишен извршен директор на технолошката фирма „Каденс Дизајн Системс“, која се изјасни за виновна во јули и се согласи да плати 140 милиони долари за американските обвиненија дека нејзината подружница во Кина постојано соработувала со Националниот универзитет за одбранбена технологија во земјата, кршејќи ги контролите за извоз на САД. Тан не беше обвинет.