Лидерите на Ерменија и Азербејџан во петокот се ракуваа на мировен состанок во Белата куќа и потпишаа договор насочен кон ставање крај на децениските конфликти меѓу двете земји од Јужен Кавказ.
На церемонијата, американскиот претседател Доналд Трамп стоеше во средина, со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, од неговата лева страна и ерменскиот премиер Никол Пашинјан од десната. Додека двајцата ја подаваа раката за поздрав, Трамп ги опфати нивните дланки со своите.
Договорот, кој беше потпишан и од САД, предвидува повторно отворање на клучни транспортни рути и отворање на нов голем транзитен коридор што ќе го носи името „Трамп рута за меѓународен мир и просперитет“, соопшти Белата куќа. Американската администрација гледа на овој договор како на начин да се зајакне американското присуство во регионот, додека влијанието на Москва опаѓа.
„Голема чест е за мене“, рече Трамп во Белата куќа нагласувајќи дека не ја побарал иницијативата за именувањето. Според висок американски претставник, идејата дошла од ерменската страна.
И Алиев и Пашинјан изјавија дека пробивот бил можен благодарение на Трамп и неговиот тим.
„Поставуваме темел за да напишеме подобра приказна од онаа што ја имавме во минатото“, изјави Пашинјан, нарекувајќи го договорот „значајна пресвртница“.
„Претседателот Трамп за шест месеци направи чудо“, рече Алиев.
Трамп потсети колку долго траел конфликтот меѓу двете земји. „Триесет и пет години се бореа, а сега се пријатели и ќе бидат пријатели долго време“, изјави тој.
Договорот решава едно од клучните прашања што ја блокираа претходната мировна агенда или отворање на пат кој ќе го поврзе Азербејџан со неговата автономна ексклава Нахчиван, разделена со 32 километри ерменска територија. За Азербејџан, кој е голем производител на нафта и гас, ова значи и поефикасна врска со Турција и понатаму со Европа.
„Ќе мора да отидеме таму“, додаде Трамп, алудирајќи на желбата да ја посети новата рута. На прашањето за трајниот мир меѓу Ерменија и Азербејџан, тој одговори: „Многу сум уверен.“
Алиев и Пашинјан во петокот се приклучија на растечкиот број странски лидери и официјални претставници кои јавно изјавија дека Трамп треба да ја добие Нобеловата награда за мир за неговата улога во олеснување на долготрајни конфликти во светот.
Оваа година, администрацијата на Трамп веќе посредуваше во мировен договор меѓу Демократска Република Конго и Руанда, со што беше ставен крај на деценискиот конфликт во источен Конго; постигна примирје меѓу Индија и Пакистан; и интервенираше во судирите меѓу Камбоџа и Тајланд, заканувајќи се со повлекување на трговски договори доколку борбите продолжат. Сепак, мировните договори за Газа и Украина сè уште остануваат недостижни.