Франција, заедно со Белгија, Монако, Луксембург, Малта и Андора формално ja признаa палестинската држава во Обединетите нации во понеделникот, потег што ја продлабочува меѓународната изолација на Израел додека ги остварува своите максималистички воени цели во Газа и ги проширува населбите на окупираниот Западен Брег.
Монако, Малта и Луксембург ја прогласија својата поддршка за време на самитот за решение за две држави во Њујорк, под копретседателство на Франција и Саудиска Арабија. Белгија, исто така, го прогласи своето признавање, но рече дека може да стапи на правна сила само ако Хамас биде отстранет и заложниците бидат вратени.
Зборувајќи на самитот, францускиот претседател Емануел Макрон му рече на Генералното собрание на ОН дека признавањето на палестинска држава е единственото решение што ќе му овозможи на Израел да живее во мир, нарекувајќи го потегот пораз за Хамас.
„Мораме да направиме сè што е во наша моќ за да ја зачуваме самата можност за решение за две држави, Израел и Палестина да живеат рамо до рамо во мир и безбедност“, рече Макрон.
„Признавањето на правата на палестинскиот народ не одзема ништо од правата на народот на Израел, кого Франција го поддржуваше од првиот ден“, додаде тој.
За време на самитот, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ја нарече ситуацијата во Газа неподнослива и рече дека решението за две држави е единствениот излез од овој кошмар. Отфрлајќи ги критиките, тој рече дека државноста за Палестинците е право, а не награда и без неа нема да има мир во регионот.
Соопштението на Франција доаѓа откако Обединетото Кралство, Канада, Австралија и Португалија прогласија признавање во текот на викендот, приклучувајќи се кон повеќе од 145 земји-членки на ОН кои веќе ја признаваат палестинската државност. Сепак, овој потег е во голема мера симболичен без поддршка од Соединетите Американски Држави, кои имаат моќ да стават вето на членството и не присуствуваат на самитот.
Самитот има за цел да ги интензивира напорите за оживување на решението за две држави и да обезбеди пат кон мир. Но, по речиси две години крвопролевање во Газа и ширењето на израелските позиции во окупираниот Западен Брег, се зголемуваат стравувањата дека палестинската државност е перспектива што бледнее.
Потегот за признавање на палестинска држава доведе до жесток одговор во Израел. Зборувајќи со новинарите пред самитот, амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Дени Данон, рече дека САД и Израел нема да учествуваат во оваа шарада и изрази разочарување кон Макрон.
„На 8 октомври, вие застанавте со Израел, зборувавте за заложниците. Денес продолжувате понатаму, ги оставате заложниците зад себе“, рече Данон, осврнувајќи се на земјите што планираат да ја признаат палестинската државност.
На неделниот состанок на владата во неделата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел ќе се бори во ОН и другите меѓународни форуми против клеветничката пропаганда насочена кон нив, како и против повиците за создавање палестинска држава за кои рече дека ќе го загрозат нивното постоење и ќе претставуваат апсурдна награда за тероризам.