Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како што јави известувачот за МИА, изјави дека се работи за една значајна регионална иницијатива којашто спојува повеќе земји од Европа, не единствено од регионот на Балканот. Меѓу нив е и Италија, вели тој, која е членка на оваа иницијатива и учествува во нејзината работа.
„Задоволство за нас е што работната недела на Генералното собрание ја почнуваме со настан организиран од наша страна. Оваа година претседаваме со оваа иницијатива. Ќе можеме да зборуваме за прашања поврзани со меѓусебната економска поврзаност, прашањата поврзани со европската интеграција, со младите, со културата и сето она што е значајно за нашата држава добро да се позиционира на меѓународната сцена. Задоволство ни е исто така што ние сме политички домаќини, а домаќини ни се познати Македонци и успешни бизнисмени кои што имаат синџир на повеќе ресторани во рамките на Соединетите Американски Држави. И тоа меѓу другото за нас е можност покрај тоа што ние се промовираме како држава, да ги промовираме и успешните македонски бизнисмени во САД“, вели Муцунски во изјавата по повод состанокот.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани кој исто така е дел од државната делегација што на ГС на ОН ја предводи претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, истакна дека истакна дека ЈЈИ ѝ дава дополнителна тежина и динамика на нашата евроинтеграција.
„Јадранско-јонската иницијатива заедно со Јадранско – јонската стратегија со која ние како држава оваа година претседаваме, се многу значајни за евроинтегративниот процес на Македонија, бидејќи заедно со сите земји-кандидати од регионот и со неколку земји членки седнуваме на иста маса и ја интензивираме дополнително соработката околу одредени теми, како што се туризмот, транспортот и други теми, кои имаат за цел прво поврзување на регионално ниво помеѓу земјите кандидати и земјите членки од регионот, а понатаму и со единствениот паар на ЕУ. Така што ваквите иницијативи се добредојдени, бидејќи даваат дополнителна тежина и дополнителна брзина на нашиот евроинтегративем процес“, изјави министерот Муртезани.
Под мотото „Зајакнување на регионалното единство, унапредување на европската иднина“, македонското претседателство ја афирмира својата определба за продлабочување на интеграцијата и соработката меѓу земјите членки и нивната врска со Европската унија. Муцунски ја нагласи потребата од кредибилен процес на проширување на ЕУ, истакнувајќи дека Западен Балкан мора да остане стратешки дел од европската иднина.
Како што соопштија од МНРиНТ, настанот претставува историски момент и потврда за заедничката посветеност кон регионалната соработка, европската интеграција и конструктивниот мултилатерализам.
Во тој контекст, беа претставени приоритетите на македонското претседавање: зајакнување на ЕУ интеграцијата и регионалната доверба, дигитална трансформација, подобра инфраструктурна поврзаност, културна соработка и поддршка за младите.