Амбасадорот Спахиу се сретна со претседателката на ВМРО ДПМНЕ – Албанија, Симонофски

„На денешната средба со претседателката на новоформираното македонско друштво ВМРО ДПМНЕ – Албанија, Елена Горица Симонофски, разговаравме за активностите и идните планови на друштвото, со посебен акцент на соработката за зачувување и претставување на македонската култура и традиција во Тирана, но и низ целата територија на Албанија“, информираа од амбасадата.

Во објавата на официјалната страница на Фејсбук, од амбасадата додаваат дека „како и секогаш, амбасадата останува посветена на поддршка на македонската заедница во Албанија, како и на зајакнување на врските и соработката со нашинците на овие простори“.

Спахиу, упатил честитки и искрени желби за успех на новото друштво во неговата работа и идните активности.

Новата асоцијација на Македонците беше регистрирана на почетокот на овој месец, кога Симонофски, за МИА изјави дека друштвото е формирано со една возвишена цел, да ги обедини сите Македонци во Албанија, без разлика на местото, улогата или политичката припадност.

„Време е да зборуваме заедно, да дејствуваме гласно и да се избориме организирано за нашите права, идентитет и подобра иднина. Друштвото ќе биде дом за сите кои ја носат Македонија во своето срце. Ќе биде поддршка за активностите и иницијативите во насока на остварување на своите цели и поддршка на своите членови. Нашето мото е дека заедно сме посилни, заедно сме Македонија“, посочи таа за МИА.

Освен оваа асоцијација на Македонците, во Албанија постојат и друштвата „Илинден“, „Преспа“, „Сонце“, „Мир“, „МЕД“ и „Прегор“, како и единствената партија Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ). 

INFO