Затворен уште еден аеродром во Данска заради нарушување на воздушниот простор со дронови

Аеродромот Алборг во Данска беше затворен поради беспилотни летала во нејзиниот воздушен простор, соопшти локалната полиција рано утрово, два дена откако главниот аеродром во Копенхаген беше затворен поради истата причина.

Данската национална полиција соопшти дека ситуацијата со појавата на беспилотните летала била слична како онаа што ги запре летовите на аеродромот во Копенхаген неколку дена претходно. Вооружените сили на земјата исто така беа алармирани, бидејќи аеродромот Алборг се користи како воена база, додадоа тие.

Данска во вторникот соопшти дека инцидентот на аеродромот во Копенхаген е најсериозниот напад досега врз нејзината критична инфраструктура и го поврза со серија сомнителни упади на руски беспилотни летала и други нарушувања низ Европа.

Властите во Норвешка, исто така, го затворија воздушниот простор на аеродромот во Осло три часа во понеделникот вечерта откако беше забележан дрон. Полицијата на Северен Јитланд им кажа на новинарите дека повеќе од еден дрон е забележан во близина на аеродромот Алборг и дека летале со вклучени светла.  Полицијата соопшти дека не може да го прецизира типот на дронови или дали се исти како оние што летаа над аеродромот во Копенхаген во понеделник.

„Прерано е да се каже која е целта на дроновите и кој стои зад нив“, изјави полициски службеник.

Норвешките и данските власти се во близок контакт поради инцидентите во Копенхаген и Осло во понеделникот, но нивната истрага сè уште не е поврзана, изјави норвешкиот министер за надворешни работи во среда.

Еуроконтрол, кој ја надгледува европската контрола на воздушниот сообраќај, соопшти дека ќе нема пристигнувања и заминувања на аеродромот Алборг до 4 часот денеска поради активноста на дронови во близина.

Полицијата соопшти дека истражуваат понатаму на лице место и дека нема опасност за патниците на аеродромот или жителите во областа. Тие додадоа дека три лета се пренасочени кон други аеродроми.

INFO