ДОМ и ДПС со заеднички советнички листи во 12 општини на локалните избори

Актерот Един Јакуповиќ од ДПС, информираше дека зелената коалиција со заеднички листи ќе се натпреварува во повеќе општини во државава и тоа во Град Скопје, Центар, Карпош, Куманово, Битола, Охрид, Штип, Демир Капија, Дојран, Дебар, Маврово и Ростуше и во Ранковце.

„Оваа одлука за коалиција не е само партиска манипулација, туку искрен, другарски и политички завет, завет за животна средина, чесна и граѓанска партиципација. Ние нудиме искрена грижа за сите граѓани со посебен акцент за ранливите категории. Тоа е сржта на нашата коалициска платформа“, истакна Јакуповиќ.

Според носителот на листата за советници на општина Карпош, Александар Анѓушев и копретседател на ДОМ, коалицијата е одговор на празнината што оставиле класичните партиски монополи.

„Нашата платформа се темели на јасни приоритети, а тоа се заштита на природата, транспарентност на одлучувањето, интегритет во администрацијата и вистинска грижа за оние на кои им е најмногу потребна. Со особена гордост сакам денеска да го истакнам историскиот избор на листата за Град Скопје за прв пат една личност со попреченост, нашата Ана Карајанова Димитрушева ќе ја предводи листата на советнички места во советот на Град Скопје. Таа не е симболична фигура, туку гарант дека во Советот на град Скопје ќе влезе вистински застапник за правата на ранливите категории. Ние сме длабоко уверени дека таа ќе биде избрана и ќе работи како глас за илјадници граѓани чии проблеми долго беа запоставувани и системски игнорирани од нашето општество“, порача Анѓушев.

Предводникот на листата за советници на град Скопје од коалицијата, Карајанова Димитрушева рече дека ја прифаќа честа да ја предводи советничката листа како обврска пред лицата со попреченост, како и сите кои се соочуваат со бариери во нашето општество.

„Моето учество јасно кажува дека политиката може и мора да се отвори за оние кои порано биле отфрлени и оставени надвор од системот“, потенцира Карајанова Димитрушева.

Нагласи дека не нудат само зборови, туку дека нудат планови за пристапни улици и систем кој ќе ги штити најранливите.

INFO