Како што соопштија од министерството, Лимани го нагласил значењето на ова тело чии заложби се насочени кон унапредување на заштитата на жените-жртви на насилство и семејното насилство. Тој при тоа се осврнал на досегашните преземени акции на државата со цел подобра подготвеност за превенција, заштита и спречување на насилството врз жените и семејното насилство, од ратификацијата на Истанбулската конвенција, потоа подготовката на Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство 2018-2023, 2024 год, евалуација на истиот. Потоа на носењето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, каде се нагласува улогата на Националното координативно тело со конкретни надлежности, подготвување на осумгодишна Национална стратегија, со четиригодишни акциски планови и годишни планови.
„Во изминатиот период како министерство, преземаме низа мерки и активности за подобрување на системот за превенција и заштита на жените-жртви на насилство и семејно насилство, преку унапредување на националната легислатива, подзаконски акти, документи, јакнење на капацитетите на стручните лица преку реализирање на обуки, проширување на мрежата на специјализирани услуги за жртвите и организирање на кампањи. Ве уверувам дека Владата на Република Македонија, ги потврдува своите заложби за преземање на сите неопходни мерки за елиминирање на сите форми на насилство“, рекол Лимани.
На седницата, се наведува во соопштението, биле подетално претставени сите документи и активности кои се донесени и реализирани, како и соработката со меѓународните и граѓанските чинители.