На советничката листа на ЗНАМ за Град Скопје, меѓу другите е и Марин Докузовски, истакнат спортски работник, селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија и тренер на „Работнички“.
„Во политиката се приклучив бидејќи не можев веќе да ги гледам политичарите како мислат само за тендери и свои интереси, а не сакаат ништо да направат за народот достоинствено да живее. Сакам да се обидам да им се спротивставам иако борбата со нив е тешка. Во ЗНАМ се приклучив поради Максим Димитриевски, затоа што тој е единствениот политичар на кого сѐ уште му верувам и сметам дека само тој може да направи промени за подобар живот на нашиот народ“, вели во изјавата за МКД.мк Докузовски, кој е најтрофејниот македонски кошаркарски тренер (седум шампионски титули и четири куп трофеи). Беше селектор на Македонија кога го направивме најголемиот успех во историјата, четврто место на Европското првенство во Литванија. Работеше како тренер и во Бугарија и Косово каде исто така освојуваше трофеи. Сега е тренер на МКК Куманово.
Во Општина Аердром носител на советничката листа на ЗНАМ е Љупчо Марковски – Калц, поранешен капитен на фудбалската репрезентација на Македонија и член на златната шампионска генерација на Вардар. Тој е благодарен што ја доби довербата и ветува дека со целиот негов интегритет ќе се труди општината да стане гордост за секој нејзин жител.
„Како човек кој е роден во општина Аеродром и целиот живот го поминал во неа, среќен сум што добив можност да учествувам во креирањето на локалната политика и уште повеќе да влијаам на подобрувањето на стандардот на живеење на моите сограѓани во Аеродром. Спортскиот живот ме научи на ред, дисциплина и работни навики. Моето спортско мото е да ги вреднувам исклучително резултатите. Сметам дека со овие вредности можам да бидам витална алка во Советот на општина Аеродром. Сѐ што сум забележувал низ годините дека не функционира доволно добро во мојата општина, сега ми се дава можност да влијаам врз истите работи во позитивна насока. Како и секој граѓанин на Аеродром и ние спортистите секојдневно се среќаваме со истите локални проблеми. Проблеми со превозот, со сметот и нечистотијата, преполните паркинзи… и ние го дишеме загадениот воздух преку целата година. Движењето ЗНАМ како политички субјект, во мене препозна личност која транспарентно и чесно ќе се залага за подобар живот на аеродромци.
Зошто ЗНАМ како политичка определба? Една од причините е што гледано наназад во оваа партија не се провлекуваат скандали, афери од каков било тип. Втора причина е што во ЗНАМ препознав луѓе со докажани вредности, познати и признати во своите професии и луѓе кои влегуваат во политиката со чиста мисла и цел за подобар живот на граѓаните на Македонија. Трета причина е што оваа партија ги вреднува успешните спортисти кои се најдоа на кандидатските советнички листи. Тука се: Марин Докузовски, Јорданчо Давитков, Игор Митревски, Ѓорѓи Чековски, Тони Симиќ. И можеби најголемата од сите причини тоа што оваа партија ја води храбар, самостоен и харизматичен лидер, Максим Димириевски“, изјави Марковски.
Како носител на советничка листа на ЗНАМ се јавува уште еден спортист – Тони Симиќ во Општина Ѓорче Петров, легендарниот центар на кошаркарската репрезентација на Македонија и омилен играч на тимовите на „МЗТ Скопје“ и „Работнички“.
„Не е случајно. Во период кога завршив со мојата кошаркарска кариера, кога навлегов во тренерските води, решив да се активирам малку и на политички план, првенствено за да ја подигнам свеста за тоа колку е важно за една општина, за еден град, па и држава да има здрава спортска младина. Едноставно сакам спортот да го издигнам на едно повисоко ниво. Зошто ЗНАМ? ЗНАМ е една релативно помлада партија за која мислам дека има голема иднина. Нивните ставови, нивните мислња, сето она што досега го направија ме поттикна да влезам во нивните редови. Многу сум горд, а од друга страна чувствувам и голема одговорност што луѓето од партијата и од мојата Општина Ѓорче Петров ме предложија и ми дадоа доверба да бидам носител на листа. Мислам дека со толку многу титули позади себе ќе допринесам за уште една титула, но оваа ќе биде политичка, а не спортска. Се надевам на успех, на победа и нормално да докажам дека еден успешен спортист може да биде успешен и во политиката“, рече во изјавата за МКД.мк Симиќ, кој е еден од најтрофејните македонски кошаркари. Осумпати беше шампион на Македонија со Работнички и петтпати го освои Купот на Македонија со овој клуб. Купот го има освоено и двапати со МЗТ Скопје. По крајот на кариерата стана кошаркарски тренер, а во моментов работи како тренер на женскиот кошаркарски тим Бакет Кам.
На листата на ЗНАМ е и поранешниот кошаркарски репрезентативец Ѓорги Станко Чековски, кој е носител на листата за Општина Бутел.
„Влегувам во локалната политика затоа што верувам дека мојот стремеж за најдоброто како и дисциплината што е одлика на сите врвни професионални спортисти му се потребни на нашиот Бутел. Мојот животен пат како кошаркар, а посебно како член на репрезентацијата ме научи да работам тимски, да носам одлуки под притисок и да останам упорен пред предизвиците. Овие вредности ќе ги пренесам во служба на нашата заедница како носител на листата на советници на партијата ЗНАМ за општина Бутел.
Мотивиран сум од едноставната и силна потреба да ги направам работите подобри за нашите соседи, децата и младите спортисти. Сакам да ги слушнам оние што живеат тука секој ден и да им давам глас во одлуките што се од огромна важност за нашиот Бутел. Мојата искреност не е наивност, туку храброст да се соочам со проблемите директно и да барам конкретни резултати. Приоритет ми е унапредувањето на локалните услуги, јавните простори и програмите за млади. Ќе работам за подобри услови во училиштата и спортските терени, за безбедни и уредни улици, како и за поддршка на малите локални бизниси. Ќе инсистирам на транспарентност во трошењето и секогаш сум за долгорочни решенија кои ги вклучуваат граѓаните во процесот на одлучување.
Ќе предложам конкретни проекти: младински и спортски програми за поттикнување здрав живот и можности за талентирани младинци; rеконструкција и одржување на спортски терени и детски игралишта; oтворена комуникација преку редовни сесии со граѓаните и дигитални канали за следење на проектите; поддршка за локалните бизниси преку поедноставени процедури и промоции за инвестирање во општината.
Влегувам во политиката со јасна намера да работам упорно, чесно и доследно. Одлучен сум да го искористам искуството од спортот за да изградиме поорганизиран, побезбеден и поперспективен Бутел. Го прифаќам овој предизвик со јасна порака дека со тимска работа нашиот Бутел ќе стане подобро место за живеење“, рече Чековски, кој беше дел од селекцијата која го направи историскиот успех, четврто место на Европското првенство во Литванија.