ДУИ: Веднаш да се распишат предвремени парламентарни избори

Од ДУИ велат дека овој став е заеднички и на сите партнери во рамки на коалицијата Национална Алијанса за Интеграција (НАИ), кои оценуваат дека по три изборни циклуси по ред – претседателски, парламентарни и локални – волјата на граѓаните е јасна, недвосмислена и во поддршка на НАИ.

„Во период пократок од една и пол година, граѓаните три пати по ред ја дале својата доберба на НАИ, правејќи ја коалицијата неспорен победник на национално ниво. На локалните избори одржани во неделата, НАИ повторно ја потврди својата политичка и национална предност“, велат од ДУИ.

Тие велат дека за тоа постојат факти и истакнаа дека на изборите за општински совети, НАИ има предност од над 23.000 гласови на државно ниво, во трката за градоначалници, разликата е над 21.000 гласа во корист на НАИ, според бројот на советници, НАИ има 159 советници, наспроти 122 од спротивниот политички камп и доколку парламентарните избори се одржеа истиот ден, НАИ ќе имала 20 пратеници, наспроти 15 на политичките ривали.

„Во овој контекст, ДУИ оценува дека единствено решение за политичка и институционална стабилност на земјата се предвремените парламентарни избори. Граѓаните ја изразија својата волја три пати по ред, и секој обид да се игнорира овој факт е неразумен и антидемократски. ДУИ бара мандатот да им се врати на граѓаните. Нека одлучи народот кој ја има легитимноста да ја води државата и да го продолжи евроатлантскиот процес, еднаквото претставување и политичката стабилност“, се наведува во соопштението на ДУИ.

Оттаму велат дека Вреди „боледува од синдромот на Газиместан, зборува со патетика, но губи со факти, а НАИ зборува со бројки, со резултати и со легитимитет потврден на секои избори„.

„Националната Алијанса за Интеграција е победник на национално ниво. Граѓаните зборуваа јасно. Сега е време политиката да слуша. Ајде, веднаш да одиме на предвремени парламентарни избори!“, велат од ДУИ.

INFO