За присутните ова беше класичен акт на властите на цензура и притисок врз македонското малцинство.
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) остро ги осуди постапките на градоначалникот на Лерин (Флорина), Грција, и локалните општински власти. „Цензурирањето на уметничкото и културното изразување врз основа на јазикот претставува јасно кршење на основните човекови права и е во директна спротивност со обврските на Грција според Европската конвенција за човекови права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Слободата на изразување, културното учество и правото на јазичните малцинства да го користат својот јазик се основни принципи на европската рамка за човекови права, а не дискрециски привилегии и предмет на локален политички притисок. Овој инцидент не е единствен. Се работи за долгогодишен и модел што се применува во делови од северна Грција (Егејска Македонија), каде што македонскиот јазик и идентитет продолжуваат да се третираат како нелегитимни или заканувачки“, соопшти ОМД и ги повикува грчките власти, Советот на Европа и институциите на Европската Унија да го истражат овој инцидент.
Грчките медиуми објавија и реакција на партијата Сириза, партијата потписник на Препанскиот договор според кој македонскиот јазик веќе не е забранет во Грција, во која се вели дека македонскиот е „словенски“ јазик.
И во мај годинава во општина Суровичево (Амидео) во округот на Лерин беше забранет настапот на групата „Македонски мерак” на спортски настан, а по приговор од помала политичка партија.