Стармер ги осуди руските напади врз украинската енергетска мрежа

Британскиот премиер Киер Стармер изјави дека најновите руски напади врз украинската енергетска инфраструктура се „варварски“ и „особено изопачени“, откако Русија во понеделникот навечер изврши удари врз електрани и критична инфраструктура во Киев и други делови од Украина, во услови на температури до –20 степени Целзиусови, објави Би-Би-Си.

Изјавата на Стармер следува по неговиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, неколку часа по нападите, кои беа извршени по завршувањето на еднонеделната пауза што Трамп претходно ја побара од рускиот претседател Владимир Путин поради студот во регионот.

Претседателот Трамп во вторникот изјави дека Путин „го одржал зборот“, наведувајќи дека договорот за пауза важел една недела. Запрашан дали е разочаран од обновувањето на нападите, Трамп изјави дека и краткотрајната пауза била значајна со оглед на екстремните временски услови во Украина.

Според украинските власти, штетите од нападите се обемни. Повеќе од 1.000 згради во Киев останале без греење, додека електрана во источниот град Харкив е целосно уништена и не може да се обнови. Дел од жителите биле принудени ноќта да ја поминат во засолништа и метро-станици, каде што биле поставувани привремени шатори за заштита од студот.

Локалните власти отворија центри за затоплување низ главниот град и започнаа увоз на дополнителни генератори, со цел справување со подолги прекини во снабдувањето со електрична енергија додека траат поправките.

Украина и натаму предупредува на недостиг од противвоздушни ракети и повторно ги повика сојузниците да ја зголемат воената поддршка. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој го посети Киев неколку часа по нападите, изјави дека ги повикува земјите-членки да „ги искористат своите резерви“ за да и ја обезбедат неопходната одбрана на Украина.

Русија досега одбива повици за прекин на огнот.

Американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, во среда и четврток во Абу Даби ќе одржат разговори со руски и украински преговарачи во рамки на напорите за постигнување мировен договор предложен од САД.

Клучното и најспорно прашање во преговорите останува руското барање Украина да се откаже од преостанатите делови од источниот регион Донбас што моментално не се под руска контрола.

INFO