Норвешката полиција отвори истрага против поранешниот премиер Јагланд, во врска со досиејата на Епштајн

Норвешката полициска единица за економски криминал, Ококрим, соопшти дека отворила истрага против поранешниот премиер и претседател на норвешкиот Нобелов комитет, Торбјорн Јагланд, под сомнение за тешка корупција.
Одлуката за истрага на Јагланд, кој е исто така поранешен генерален секретар на Советот на Европа, се базира на информации откриени од новообјавените досиеја поврзани со починатиот американски сексуален престапник Џефри Епштајн, рече Ококрим.
„Сметаме дека постојат разумни основи за истрага, со оглед на тоа што тој ги извршувал функциите претседател на Нобеловиот комитет и генерален секретар на Советот на Европа во периодот опфатен со објавените документи“, изјави директорот на Ококром, Пал Лоесет.
Јагланд не е обвинет за никакво кривично дело, а истрагата, меѓу другото, ќе опфати дали биле примени подароци, патувања и заеми во врска со неговата функција.
Полицијата, исто така, побара да се укине имунитетот што го има Јагланд поради неговата позиција како поранешен шеф на меѓународна организација, барање на кое се согласи Министерството за надворешни работи.
„Важно е фактите од овој случај да бидат изнесени на виделина“, изјави норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ајде.
„Затоа одлучив Норвешка да достави предлог до Комитетот на министри на Советот на Европа за одземање на имунитетот на Јагланд“, рече тој.
Адвокатот на Торбјорн Јагланд рече дека го поздравува отворањето истрага од страна на полицијата и дека неговиот клиент целосно ќе придонесе за неа.
„Врз основа на она што го откривме досега, уверени сме во исходот“, рече Андерс Бросвет во изјава за Ројтерс.
Портпаролот на Норвешкиот Нобелов комитет одби да коментира за веста, но додаде дека комитетот ги поздравува сите факти во овој случај.
Јагланд е една од неколкуте истакнати норвешки личности кои се соочуваат со истрага поради нивните врски со Епштајн. Друга е крунисаната принцеза Мете-Марит, која рече дека покажала лоша проценка во одржувањето на врските откако Епштајн беше осуден.

INFO