Трајков и Божиновска заедно во поддршката на жените – инвестиција во иднината

Трајков порача дека ЕУ интеграцијата не е само политика — тоа е вештини, инвестиции и можности за граѓаните.

,,Erasmus+Horizon Europe не се само програми на хартија. Тие се реална можност со којашто се отвора простор за се повеќе жени истражувачки, иноваторки, можност за оние коишто ќе одлучат да  ги докажат своите способности во области како обновлива енергија, паметни мрежи и климатски технологии. Потребен е координиран патоказ во процесот на стекнување и надградување на вештините на жените до посакуваното работно место”, порача Трајков.

Заменик-минисерката за европски прашања потенцираше дека родовата перспектива е еден од клучните сегменти на ЕУ приоритетите, вклучувајќи ја и зелената и дигитална транзиција, каде учеството на жените е неопходно и потребно.

,,Жените треба да се дел од решението, а не дел од проблемите бидејќи тогаш и транзицијата ќе биде побавна, поскапа и неправедна”

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на истата конференција посветена на охрабрување и поддршка на девојки и жени за развој на кариера во секторите на нето-нула технологии, паметни енергетски системи и зелена транзиција рече дека енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку и длабока трансформација на работната сила, во која жените мора да имаат еднаква и видлива улога.

„Жените во енергетиката сè уште се недоволно застапени. Тоа не значи дека недостасуваат знаење и амбиција, туку дека постои неискористен потенцијал кој државата и општеството не смеат да го игнорираат. Индексот за родова еднаквост во 2022 година изнесувал 64,5 поени од можни 100, што претставува зголемување од само 2,5 поени од 2019 година. Со вакво темпо, би биле потребни приближно 57 години за да се постигне родова еднаквост во сите области. Ова ја нагласува итноста: не можеме да чекаме со децении за да создадеме еднакви можности. Повеќе жени во секторот е бенефит за сите. Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) дојде до податоци дека организациите со повеќе жени на лидерските позиции во енергетиката покажуваат 20 проценти повисоки перформанси и иновации. Светскиот економски форум објави дека тимовите кои вклучуваат различни полови се попрофитабилни, покреативни и поотпорни во кризни ситуации. Кога на жените ќе им се даде моќ, целиот сектор и општеството има придобивки“, порача Божиновска.

Таа нагласи дека интересот за наука и технологија кај девојките постои уште од рана возраст, но често се губи поради стереотипи, недостиг од поддршка и ограничен пристап до практични можности. Затоа, како што истакна, неопходно е создавање јасна и континуирана патека – од образование, преку практична обука, до вработување и напредување.

„Oвие бариери не се непремостливи. Ги надминуваме преку партнерства, преку вакви проекти, преку отворен дијалог и преку конкретни програми кои ги приближуваат младите жени до реалниот сектор,“ нагласи Божиновска.

Министерката ги посочи и стратешките приоритети на државата за периодот 2026–2030, меѓу кои забрзан развој на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност на објектите и дигитализација на електроенергетската инфраструктура, процеси кои директно ќе го обликуваат пазарот на труд и побарувачката за нови профили и вештини.

„Технологиите со нето-нула емисии ќе бараат експерти за обновливи извори, специјалисти за паметни згради и автоматизација, дигитални инженери, менаџери за енергетска ефикасност и професионалци за паметни мрежи. Нашата задача е што повеќе жени да бидат дел од оваа нова економија“, истакна Божиновска.

Таа потенцираше дека Министерството за енергетика е цврсто посветено на поддршка на девојките и жените во STEM и енергетските сектори, преку практични обуки, партнерства со компании, менторски мрежи и програми што ги поврзуваат образованието и реалниот сектор.

„Енергетската транзиција ќе биде успешна само ако е инклузивна – ако ги вклучи жените, ако создаде еднакви можности и ако ги поврзе образованието, бизнисот и институциите,“ порача министерката Божиновска.

INFO