„Нема потреба од политички маркетинг. Ние не сме против зголемување на минималната плата, но таа треба да се зголеми врз основа на економските параметри – продуктивноста, трудовата моќ…“, рече Дурмиши одговарајќи ѝ на пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.
Рече дека никогаш не се откажале од разговори за платите и дека 20.000 работници во јавниот сектор ќе добијат зголемување на платите.
За платите на избраните и именувани лица, кои беа зголемени за 78 проценти со одлука на Уставниот суд, Дурмиши најави дека набргу Владата ќе донесе одлука за замрзнување на овие плати.
„За разлика од вас, кои ги зголемивте функционерските плати, ние работиме спротивно и нема да ги зголемиме платите на функционерите. Тоа ќе се одлучи многу бргу и ќе се замрзнат овие плати. Сакате да создадете перцепција дека економската состојба е резултат на сегашните политики, а не на погубните политки од ваше време“, рече Дурмиши.
Во однос на забелешката од координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски, на чие барање седницата почна еден час подоцна, Дурмиши одговори дека задоцнил бидејќи присуствувал на конференција, која претходно била закажана.
Премиерот Христијан Мицкоски пак, за барањата од синдикатите за зголемување на минималната плата на 600 евра денеска порача дека Владата може да им помогне на работодавачите и на работниците да најдат компромис, но не може да се наметнува.
Мицкоски, во одговор на новинарско прашање, истакна дека Владата го охрабрува бипартитниот дијалог, повторувајќи дека минималната плата ќе се зголеми согласно закон.
„Владата не е таа која прифаќа барања, бидејќи Владата како работодавач со своите колеги си ги регулираше работите за 98-99 проценти од вкупниот број на вработени од владините институции. Имаме договор до 2028 година. Тој процес сме го заокружиле. Ние не можеме да сугерираме во приватните компании како ќе бидат регулирани нивните односи со работниците. Затоа велиме ние можеме да помогнеме во процесот, да го фасилитираме, мислам дека сега на почеток на март ќе имаме состанок на Економско-социјалниот совет и ние можеме да помогнеме работодавачите и работниците да најдат компромис, но не можеме да наметнуваме затоа што наметнувањето од минатото видовте каде не донесе и со какви се предизвици мора како Влада да се справуваме сега поради некои несреќни политики на некоја претходна Влада“, изјави Мицкоски.
Според него, Владата секогаш е тука на располагање и на работниците и на работодавачите и ќе помогне во процесот да се постигне решение.
Владата, посочи Мицкоски, беше подготвена и постигна договор со вработените кои добиваат личен доход под ингеренција на Влада и потпишавме договор заклучно со крајот на мандатот 2028 година.
„Принципиелно се однесуваме, ги регулиравме нашите односи и мислам тоа е добра порака да стоиме на нашите принципиелни ставови. Се грижиме како Влада, постигнавме договор до 2028 година и го охрабруваме бипартитниот дијалог, а ние како Влада согласно закон ќе ја зголемиме минималната плата“, рече Мицкоски, по учеството на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.