Годинашните „Денови на Холандија“ посветени на 750 годишнината од основањето на Амстердам

Третото издание на настанот „Денови на Холандија“, беше отворено со симболична портокалова велосипедска тура организирана од Амбасадата на Кралството Холандија, „Гоу грин – Биди зелен“ и „Ист гејт мол“. Годинашниот настан е посветен на 750  годишнината од основањето на Амстердам како и одбележувањето на националниот ден на Холандија – Денот на Кралот (27 април).

„Од 25 до 27 април, посетителите на Ист гејт мол ќе имаат можност да ја доживеат атмосферата на автентичен холандски пазар и уметничка колонија, како и да учествуваат во игра на потрага. Ќе има и изложба на велосипеди декорирани од средношколци од Скопје и сликање во живо во организација на „Лазар Личеноски“ и Академијата за уметности „Фонтис“, информираат од амбасадата на Холандија во земјава.

Оттаму додаваат дека во партнерство со повеќе холандски и македонски компании, уметници и организации, донеле холандски вкусови и бои во Скопје.

„Сакаме заедно со вас да ги одбележиме убавите нешта кои нѐ поврзуваат, како што се уметноста, културата, добрата храна, цвеќето и секако – велосипедите“, рече амбасадорката Узлем Џанел на отворањето.

Холандскиот пазар ќе биде отворен овој викенд (26 – 27 април) од 12 до 18 часот, а изложбите и играта на потрага ќе бидат достапни во текот на работното време на „Ист гејт“, од 10 до 22 часот.

INFO