Во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“, утре, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите „Св. Климент Охридски“, со почеток во 12 часот ќе се одржи промоција на новиот хумористичен роман на Трајче Кацаров „Романот за Чарли Офтика – Туркачот“.
Роман во кој комичните ситуации, градени преку ликовите предадени на емпатијата, љубовта, љубомората, зависта, се нижат како на филмска лента, веродостојно и нужно, притоа правејќи ја содржината лесно читлива, односно, лесно видлива.
Новото дело на Кацаров, всушност е роман за киното. За киното како празник што го следи современиот човек. Киното како инкубатор на емотивни стерсови и реакции најчесто изрзени низ извици: „Аууу! Уааа! Ејјјј! Бреее! Тууу! Пу јазк!“ Но, и антологија на случките во киното и надвор од него приредена од протагонистите во „Романот за Чарли Офтика – Туркачот’ на туѓи терети и сопствени заблуди и адвокатот, докторот по правни науки Алексеј Миро. Роман што ви овозможува читајќи да гледате, а гледаното да го видите.
„Поради големата застапеност на хумор во него, романот е забранет за оние што не знаат да се смеат, но и за оние што се смеаат до зајдување. Ако го набавите денес, смеењето ќе ви почне од вчера!“ – стои во најавата на промоцијата, на која читателите ќе можат и да поразговараат со Кацаров.