Српскиот премиер Мацут пречекан во Охрид од Мицкоски, Николоски и Муцунски

„Во отворен и конструктивен разговор разменивме мислења за актуелните регионални предизвици, можностите за продлабочување на билатералната соработка, економските односи, инфраструктурното поврзување и заедничките иницијативи што ќе придонесат за поголем развој и просперитет на двете држави“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

На средбата, како што пишува Мицкоски, е потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на пријателските односи, засновани на меѓусебна почит, добрососедска соработка и заеднички интерес за стабилен и просперитетен регион.

На средбата со владината делегација од Србија, учествуваше и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

„Денес во Охрид заедно со премиерот Христијан Мицкоски бевме домаќини на премиерот на Србија Ѓуро Мацут и висока делегација од Владата на Србија.  Пријателството меѓу двете држави е на високо ниво и соработката во сите сектори е исклучително добра. Заедно работиме на повеќе проекти кои ќе ја зајакнат економијата, транспортниот сектор и силна трговска размена“, напиша вицепремерот Александар Николоски

На аеродромот во Охрид, српскиот премиер го пречека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

„Охрид, како град со исклучително историско, духовно и културно значење, претставува мост меѓу двете земји и соодветно место за средба посветена на пријателството, добрососедството, регионалната стабилност и соработката“, напиша Муцунски на Фејсбук.

INFO MAK