Мицкоски нагласи дека 25 години подоцна времето не ја избришало болката, ниту ја намалило нашата почит.
„Напротив, секоја година нè потсетува дека мирот, слободата и татковината имаат вредност која мора да ја чуваме одговорно и достоинствено. Карпалак е наша заедничка рана, но и наша обврска да паметиме“, истакна премиерот.
Тој нагласи дека не треба да дозволиме имињата и жртвата на загинатите да бидат заборавени.
„Да не дозволиме имињата и жртвата на загинатите да бидат заборавени. Да градиме држава во која почитта кон оние што ја исполниле својата должност кон Македонија ќе биде над времето, политиката и поделбите. Пред нивниот спомен се поклонуваме со благодарност и длабока почит. Нека е вечен споменот за хероите од Карпалак. Вечна им слава“, истакна Мицкоски.
За време на воениот конфликт на 8 август 2001 година, 10 резервисти беа убиени, а тројца беа ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот падна во заседа и врз него бил отворен жесток оган, а извлекувањето траеше со часови.