Македонија стави два противпожарни авиона на располагање на Европската Унија за справување со шумските пожари, со што земјата активно се вклучува во заедничкиот европски систем за цивилна заштита.
Двата македонски авиона се дел од заедничката воздушна флота која во текот на летната сезона ќе биде ставена во функција според потребите на европските држави. Леталата ќе можат да бидат ангажирани во земји каде што пожарите ќе ги надминат националните капацитети за справување со огнените стихии.
За летото 2026 година, Европската Унија има подготвено рекорден капацитет за брзи интервенции поради очекувањата за подолги и поинтензивни сезони на шумски пожари.
Заедничката европска воздушна флота брои 22 авиона и пет хеликоптери, распоредени во 12 земји, додека дополнителна поддршка ќе обезбедуваат 777 пожарникари од 14 европски држави.
Особено внимание е насочено кон шест земји кои се проценети како високоризични подрачја за шумски пожари – Грција, Италија, Франција, Шпанија, Португалија и Кипар.
Со учеството во механизмот, Македонија од примател станува и давател на меѓународна помош. Во изминатите години, особено во текот на големите пожари во 2024 година, Македонија користеше помош од странски држави, чии авиони и хеликоптери беа ангажирани за гаснење пожари на македонска територија.
Сега македонските противпожарни капацитети се ставени на располагање на европските партнери, во духот на взаемната солидарност и заедничкото справување со природните катастрофи.