САД веќе нема да „градат“ држави на Балканот

Ова го порачал заменик-помошникот државен секретар задолжен за Балканот, Дениел Лотон, сведочејќи пред Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом. Неговото излагање доаѓа непосредно пред посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон.

Македонија доби конкретно место во новата американска слика за регионот. Во подготвената изјава на Лотон се наведува дека земјата е близок партнер на НАТО, ги реализира стратегиските приоритети и напредува кон договореното ниво на инвестиции во одбраната.

Вашингтон посебно го издвојува и нејзиното место на регионалниот енергетски крстопат. Македонија се подготвува за поврзување со гасоводот што треба да носи американски течен природен гас од Грција кон Србија, потпирајќи се на пристаништето Александруполи.

Истовремено се развиваат транспортни проекти на правците север-југ и исток-запад. На Стратегискиот дијалог меѓу САД и Македонија во април била потврдена подготвеноста за соработка токму на овие линии.

Промената не се однесува само на економијата. Од одговорите на Лотон пред конгресмените произлегува и поинаков американски пристап кон политичките кризи во регионот.

Кога станало збор за Босна, тој нагласил дека САД не сакаат прекумерно да интервенираат во внатрешните прашања на суверена држава. Вашингтон нема да зазема став ниту за тоа кои балкански земји треба да станат членки на Европската Унија.

„Во однос на Европската Унија, ние не заземаме став за членството на земјите. Тоа е одлука што самите треба да ја донесат во соработка со Унијата“, изјавил Лотон.

САД, сепак, немаат намера да му го препуштат регионот на геополитичкото влијание на Москва и Пекинг. Лотон ги посочил Русија и Кина како ривали што претставуваат закана за американските интереси на Балканот.

Токму тука се појавува вториот дел од новата формула. Наместо изолација и прекумерно политичко интервенирање, Вашингтон сака на балканските држави да им понуди причина самите да ги изберат САД.

Според Лотон, ставот на американскиот државен секретар Марко Рубио е дека политиката на изолирање на Србија не успеала. Затоа САД сега сакаат да бидат проактивни и да нудат „американски решенија“, како противтежа на Русија и Кина.

Расправата во Конгресот во голем дел се фокусирала токму на Србија и нејзините односи со САД, Русија и Европската Унија, како и на етничките и политичките прашања во Босна и Косово.

МИА