Околу 2,1 милион евра биле потрошени за 67 уметници кои биле дел од прославата организирана за 35 години независност. Портпаролката на Владата Марија Митева која заедно со директорот на Државна Лотарија Александар Климовски ја соопштија финансиската конструкција за организацијата на прославата, не открија колку точно чинеле поединечните настапи на светските музички ѕвезди како што се Дејвид Гета и Хозе Карерас.
Според финансискиот извештај презентиран на прес-конференција во Владата, за 18-те настапи во 13 градови низ земјава биле потрошени 340.509.749 денари или приближно 5,5 милиони евра.
Од оваа сума, 129,3 милиони денари биле потрошени за хонорари на артистите и изведувачите, за продукција 96,2 милиони денари, за логистика 58,5 милиони, за маркетинг 2,8 милиони, а за хонорари на соработниците 53,5 милиони денари.
Еден од најголемите проекти бил и музичко-сценскиот караван „Силно светнал ден“ кој опфатил 11 градови.
Митева вели дека важно е што концептот не се потпирал само на странски уметници туку дека заложбата била централно место во одбележувањето да имаат домашните уметници.
Во деталниот извештај има распоред на реализираните настани. Секој од нив е поединечно обработен во извештајот, со објаснување на концептот, содржината, ангажираните капацитети и неговото место во целокупната програма. Ова е податок којшто најдобро го илустрира националниот опфат на манифестацијата. Особено важно е што концептот не се потпираше исклучиво на големи меѓународни имиња. Напротив, една од неговите основни определби беше македонските уметници да имаат централно место во одбележувањето на независноста, изјави Митева.