Николоски очекува Бугарија да ја испорача Михајлова

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски очекува Бугарија како земја членка на НАТО и на Европската унија да ја испорача Ива Михајлова која е обвинета за сообраќајна несреќа со тешки последици и за која е распишана меѓународна потерница.

Мислам дека МНР имаше доста прецизна комуникација за овој дел. Кажаа дека таа практично избегала од Македонија, а денеска е распишана и меѓународна потерница. Беа прилично јасни дека се работи за класично бегство од правдата. Очекуваме Бугарија, како земја членка на НАТО и на Европската Унија и како развиена демократија во која се почитува владеењето на правото, да ги испорача лицата што се бараат со потерница за да се соочат со правдата, изјави вечерва Николоски за телевизија Алфа.

Николоски вели дека не треба да се подлегнува на провокации по најавите за средби на високо ниво на Михајлова во Бугарија.

Мислам дека треба да бидеме паметни и да не паѓаме на провокации. Во Европа има институции кои кажуваат дали се прекршени човековите права или не. Прво, има домашни институции: Комисија за заштита од дискриминација, судови и други органи. Доколку не им веруваат на нив, тука е Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Колку што знам, таа личност нема ниту поднесено апликација таму, а камоли судот да донел одлука. Доколку добие пресуда од релевантна европска институција како Стразбур, ќе ја почитуваме. Но, врз основа на никакви докази и факти, јасно е дека се прави само политичка злоупотреба, рече вицепремиерот.