Во Будва започна Самитот во рамките на Берлинскиот процес

Денес во Милочер, во близина на Будва, започна Самитот во рамките на Берлинскиот процес, на кој учествува премиерите од регионот и македонскиот премиер Христијан Мицковски
На самитот учествуваат лидери од Западен Балкан и европски партнери, а го отвораат премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Фокусот ќе биде ставен на зајакнување на економската поврзаност во регионот, конкурентноста, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската унија.
Како дел од самитот ќе се одржи и пленарна сесија насловена „Регион во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.
Германската влада најави дека главни теми ќе бидат економскиот раст, конкурентноста и безбедноста, додека Црна Гора – за време на своето претседавање – ја постави зелената и одржлива транзиција како четврти клучен приоритет.
Самитот претставува завршен настан на едногодишното претседавање на Црна Гора со Берлинскиот процес.
Берлинскиот процес е меѓувладина иницијатива, започната во 2014 година на иницијатива на Германија – под водство на тогашната канцеларка Ангела Меркел – со примарна цел да се забрза европската интеграција и да се продлабочи регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан. Иницијативата служи како мост помеѓу регионот и Европската унија, обединувајќи ги лидерите од Западен Балкан, клучните земји-членки на ЕУ, претставниците на европските институции, меѓународните финансиски организации и граѓанскиот сектор.
Платформата функционира преку редовни годишни самити на премиери и министри; нејзините примарни цели вклучуваат економска интеграција, развој на инфраструктурата и транспортот, поврзување на младите, дигитална агенда, решавање на билатералните спорови кои произлегуваат од минатото, како и зајакнување на добрососедските односи.
Во текот на годините, во рамките на Берлинскиот процес беа потпишани неколку значајни документи, меѓу кои најзначајни се договорите за мобилност од 2022 година. Овие договори овозможуваат слободно движење во рамките на регионот со користење само на лична карта, како и заемно признавање на дипломи за високо образование и професионални квалификации за лекари, стоматолози и архитекти.