Собраниска седница: 2.158 амандмани и ново гласање за јавните набавки

Измените на Законот за јавните набавки, со кои се укинува критериумот „најниска цена“ при изборот на најповолната понуда, денеска повторно се пред пратениците, во рамки на 129. собраниска седница. Иако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за прогласување на законот, нејзиното вето не се однесува на суштинските измени за начинот на избор на понудите, туку на одредбата за мандатот на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Владејачкото мнозинство поднело амандман со кој се бара бришење на спорниот член 13, со што се отстранува забелешката на претседателката и се отвора патот за повторно усвојување на законските измени во третото читање. За предлог-законот се поднесени вкупно 2.158 амандмани, од кои најголемиот дел се од опозициската СДСМ.

Според собранискиот дневен ред, измените на Законот за јавните набавки е прва точка, но претседателот на Собранието, Африм Гаши, најави дека е можно седницата да почне со расправата за ребалансот на Буџетот, како што вообичаено се практикува кога на дневен ред е оваа тема.

Гаши повикува на договор за 2.158 амандмани

Претседателот на Собранието Гаши вчера во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 оцени дека партиите треба да разговараат и да се обидат да најдат решение за големиот број поднесени амандмани. Доколку не се постигне договор, Собранието ќе постапува согласно роковите и процедурите предвидени со Деловникот.

„Во овој случај, мислам ако има толку многу амандмани, ние сме парламентарна демократија, Собранието е место каде што се разговара, ќе треба да се најде начин да се дојде до решение“, изјави Гаши.

Африм Гаши, претседател на Собранието. Фото: 360 степени

Тој информира дека вчера немало координација со координаторите на пратеничките групи од објективни причини, но дека ставовите на политичките партии се познати.

Во однос на редоследот на точките, Гаши рече дека сè уште ќе се види со што ќе почне седницата, но дека вообичаено кога се расправа за ребаланс на Буџетот, Собранието прво ја разгледува таа точка.

Гаши се осврна и на критиките од граѓанскиот сектор дека предложените измени можат да ја намалат транспарентноста и да отворат простор за корупција. Тој ја бранеше суштината на законските измени, посочувајќи дека целта е при изборот на најдобрата понуда, покрај цената, да се вреднуваат и квалитетот на производот или услугата.

„Никој нема намера, најмалку мнозинството во овој случај да протнеме нешто“, рече Гаши, додавајќи дека за секоја одредба што предизвикува сомнежи треба да се разговара.

Сиљановска-Давкова го оспори членот за мандатите, а не критериумот „најниска цена“

Во дописот до претседателот на Собранието претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги образложила причините поради кои одлучила да не го потпише указот за прогласување на измените на Законот за јавните набавки, усвоени на 26 октомври.

Забелешките на претседателката се однесуваат на членот 13, со кој се менува начинот на регулирање на мандатот на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Досегашното законско решение предвидуваше петгодишен мандат со право на уште еден избор, односно најмногу десет години членство во Комисијата. Со новата формулација „со право на повторно именување“, според Сиљановска-Давкова, не се поставува јасно ограничување на бројот на мандати и се остава можност за неограничен реизбор.

Гордана Сиљановска Давкова, претседателка. Фото: Фејсбук

Таа оценила дека ваквата формулација е правно непрецизна и може да доведе до арбитрарно толкување и концентрација на моќ во тело што одлучува за трошење значителни јавни средства. Во образложението се повикува и на препораките на Венецијанската комисија, како и на претходните проблеми и сомнежи во врска со непристрасноста, одговорноста и законитоста во работењето на ова тело.

Оттука, ветото не се однесува на укинувањето на критериумот „најниска цена“ и воведувањето на квалитетот како критериум при доделувањето на јавните набавки. Со амандманот на владејачкото мнозинство се предлага да се избрише токму членот 13, поради кој претседателката го врати законот на повторно разгледување.

Во третото читање, согласно член 183 од Деловникот на Собранието, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањата на претседателот на државата. Рокот за нивно поднесување истече на 6 ноември. Со амандманот на владејачкото мнозинство за бришење на членот 13 се отстранува спорната одредба на која се однесуваше претседателското вето, со што се отвора патот Собранието повторно да гласа за предлог-законот, без промени во останатите предложени законски решенија.

Центарот за граѓански комуникации предупредува на ризици од корупција

Измените на Законот за јавните набавки претходно наидоа на реакции и критики од Центарот за граѓански комуникации, кој побара од Собранието да ја одложи расправата додека не се спроведат јавни консултации. Од Центарот побарале и Државната комисија за спречување на корупцијата да ги провери предложените измени.

Покрај одредбата за можноста за неограничен реизбор на членовите на Државната комисија за жалби, Центарот ги оспори и предложеното укинување на обврската институциите претходно да побараат мислење од Бирото за јавни набавки за одредени договори склучени со непосредна спогодба, како и зголемувањето на финансискиот праг за набавки под законските прагови.

Според пресметките на Центарот за граѓански комуникации, со зголемувањето на годишниот лимит од 12.000 на 25.000 евра по институција, вкупниот износ што институциите би можеле да го потрошат за набавки под законските прагови би се зголемил од 18 на 37,5 милиони евра годишно.

Критиките на граѓанскиот сектор се однесуваат на ризикот од намалување на транспарентноста, поголема дискреција при изборот на понудувачите и можност за злоупотреби при трошењето на јавните пари.

Ребалансот на Буџетот, пензиите, Кривичниот законик и здравственото осигурување на дневен ред

Покрај измените на Законот за јавните набавки, на дневниот ред на 129. седница се и дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, како и измените на Законот за извршување на Буџетот за истата година, по скратена постапка.

Пратениците треба да расправаат и за Предлог-законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Македонија и Советот на министри на Албанија за воспоставување заеднички гранични премини и спроведување заеднички активности за гранична контрола.

На дневниот ред се и измените на Законот за здравственото осигурување и на Кривичниот законик, двата по скратена постапка.

Во прво читање се предвидени законски измени во областа на задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, предлог-закон за престанување на важењето на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, како и измени на Законот за Фондот за осигурување на депозити, Законот за земјоделство и рурален развој и Законот за семејството.